петок, септември 4, 2026
Дома БАЛКАН Телото на Ратко Младиќ пристигна во Белград, погребот в понеделник: Хашкиот осуденик...

Телото на Ратко Младиќ пристигна во Белград, погребот в понеделник: Хашкиот осуденик дочекан како херој, ЕУ бурно реагира

1
EPA/ANDREJ CUKIC

Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој  почина минатата недела во Хаг додека ја издржуваше доживотната затворска казна за геноцид и други воени злосторства во  Босна и Херцеговина, ќе биде погребан в понеделник, на 7 септември во Белград. Министерот за правда Ненад Вујиќ претходно соопшти дека  погребот ќе се одржи со највисоки државни почести, додека  претседателот на државата Александар Вучиќ изјави дека конечната одлука ќе биде оставена на семејството. Безбедносните служби проценуваат дека на погребот би можеле да присуствуваат десетици илјади луѓе.

Телото на Младиќ вчера беше донесено во Србија, каде што прво ќе се изврши обдукција. Ковчегот завиткан со српско знаме од авионот го изнесоа припадници на армијата, а по патот од аеродромот до болницата каде што ќе се врши обдукцијата  се собраа повеќе групи граѓани држејќи транспаренти со пораки како „Ти благодариме, генерале” и „Хероите никогаш не умираат”. Провладините таблоиди детално и во живо известуваа за настаните, нарекувајќи го Младиќ „српски генерал” и тврдејќи дека бил „убиен во Хаг”.

Ратко Младиќ во 2017 година беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг за геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња, за повеќегодишната опсада на Сараево за време на војната во Босна од 1992 до 1995 година, како и за други воени злосторства, меѓу кои формирање логори за притвор на несрпски цивили и воени заробеници.

Најавата дека Младиќ би можел да биде погребан со највисоки државни почести предизвика брзи реакции од меѓународната заедница.

-Величањето на воените злосторници е спротивно на европските вредности. За тоа нема место ниту во земјите членки на Европската Унија ниту во земјите кандидати. Се надевам дека владата во Белград е свесна за тоа, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос, на што Вучиќ  одговори обвинувајќи ги Западот и Хашкиот трибунал дека вината за воените злосторства ја префрлаат само врз Србите и дека не обезбедиле правда за српските жртви.

 

ИЗДВОЕНИ