Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска која во пропратниот текст кон изложбата пишува: „Саботна ноќна треска“ е евокативен наслов кој веднаш создава слики од општествениот живот, славењето и енергичната урбана култура. Сепак, во контекст на овој проект, насловот станува длабоко ироничен, не одразувајќи го раздвижениот ноќен живот некогаш поврзан со Скопје, туку повеќе е критика на современото разочарување од градот.
Уметниците – Игор Сековски, Иван Блажев и Марија Ветероска – ја користат својата работа за да ги истражат социјалната, психолошката и урбаната фрагментација што сега го дефинира животот во Скопје. Нивните колективни напори создаваат дијалог кој ја надминува обичната носталгија, навлегувајќи во филозофските и во егзистенцијалните импликации на живеењето во град кој изгубил голем дел од своето сврзно ткиво.
Изложбата „Саботна ноќна треска“ не претставува само носталгичен копнеж за минатото, туку длабоко се занимава со критичката урбана теорија, егзистенцијалната филозофија и постмодерната критика на современиот живот.












