Македонскиот ракометен вивешампион Еурофарм Пелистер, остана во трка за освојување на едно од првите две места во Групата – Г на Европската лига, кои водат во следната фаза од второто по квалитет натпреварување при ЕХФ. Исто така факт е дека битолчани за седум дена ќе гостуваат кај единствената екипа која е сигурно елиминирана и нема шанси да заврши на едно од првите две места во групата.
Ова се потврди по убедлива победа на Гумерсбах над Ла Риоха од 42:26, како и победата на македонскиот претставник на домашен терен над полскиот Гдањск со 34:27. Шпанскиот тим со овој пораз ги загуби сите шанси за европска пролет, додека македонскиот вицешампион во последното коло сам одлучува за својата судбина.
„Овој меч беше потежок за нас по поразот од Алкалоид, но знаевме дека само со тимски дух, тоа е грижа еден за друг, можеме подобро. Така беше сега, ги издржавме сите критики кои по мене беа неоправдани, но мора да се бориме и тоа го покажавме. Голема благодарност за публиката и нашата цела екипа. Нема да издвојувам поединци, тука победи тимот. Големиот тим Пелистер. Само еден тим, само еден град, тоа е нашиот начин. Публиката препозна дека наместо да нè дочека со свирежи, ни даде аплауз. Ја користам приликата да ги повикам да дојдат во сабота кога играме со ГРК Охрид, да ни дадат уште поголема поддршка. Секој еден човек во публиката, не прави поголеми фаворити, кажа по мечот тренерот на тимот Лино Червар.
По пет одиграни кола првата позиција ја делат Гумерсбах и Гдањск, екипи кои што ќе се судрат во последната рунда, а Еурофарм Пелистер ќе гостува во Шпанија кај Ла Риоха.
На „зелено-белите“ потребна им е победа за да обезбедат виза за втора фаза, без разлика на исходот на дуелот во Полска. Во случај трите екипи да имаат по седум бода (победа на Пелистер и реми во Полска), пласман понатаму ќе обезбеди македонскиот тим, бидејќи има подобар скор во количникот на меѓусебните дуели со двата ривали.
Последните мелеви од групата се игра на први декември, а двата натпревари ќе се одиграат од 18:45 часот.












