четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ „Хјуман рајтс воч“ го обвини Израел за нелегална употреба на бел фосфор...

„Хјуман рајтс воч“ го обвини Израел за нелегална употреба на бел фосфор во Либан

112
EPA/WAEL HAMZEH

Меѓународната невладина организација „Хјуман рајтс воч“ го обвини Израел за употреба на бел фосфор во станбени области во јужен Либан во вторник, 3 март, веднаш по обновениот конфликт меѓу Израел и либанското шиитско движење Хезболах.

„Израелската армија нелегално користела муниција од бел фосфор испукана од артилерија кон куќите на 3 март 2026 година во градот Џочмор, во јужен Либан“, се вели во соопштението на невладината организација, пренесе „Бета“.

„Хјуман рајтс“ воч додаде дека „потврдила и геолоцирала седум слики на кои се гледа муниција од бел фосфор како експлодира над станбена област“ и работници од цивилната одбрана како реагираат на пожар што ги зафатил куќите.

Супстанцата, која се пали кога е изложена на кислород, може да се користи за создавање димни паравани и осветлување на бојните полиња. Но, може да се користи и како запаливо оружје, предизвикувајќи тешки изгореници, оштетување на респираторниот систем, откажување на органите, па дури и смрт.

„Нелегалната употреба на бел фосфор од страна на израелската војска во станбени области е исклучително алармантна и ќе има сериозни последици за цивилите“, рече истражувачот на „Хјуман рајтс воч“, Рамзи Каис.

Израел треба веднаш да ја прекине оваа практика, а земјите што испорачуваат оружје, вклучително и муниција со бел фосфор, треба веднаш да ја прекинат воената помош и продажбата на оружје на Израел, додаде Каис.

Либанските власти и HRW претходно го обвинија Израел за палење шумски површини и земјоделско земјиште на југ со бомбардирање со бел фосфор.

Претходните инциденти, во 2023 и 2024 година во пограничните области во јужен Либан, „ги доведоа цивилите во сериозна опасност и придонесоа за раселување на луѓето“, додаде меѓународната невладина организација со седиште во Њујорк во соопштението.

ИЗДВОЕНИ