Станува збор за вкупно 49 возила, од кои 19 се мултифункционални камиони, девет цистерни за миење улици, како и 21 мултифункционално возило. Освен Скопје, од овие возила ќе добијат и Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес. На промоцијата, која се одржа на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласи дека многу ќе помогне набавката на возилата за квалитетно и урбано живеење, но и за подигнување на нивото на јавната чистота. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека ќе бидат набавени во наредниот период и пет камиони со средства од Град Скопје, но и дека завршува рокот за жалби за контејнерите, така што во наредниот период градот би добил нови 3.200 контејнери. Премиерот Христијан Мицкоски им честиташе на сите оние што ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот и повика за општествена и за граѓанска одговорност

Со поддршка на Светска банка, во вкупен износ од 4,2 милиони евра, Градот Скопје и други градови во државата добија 49 возила за одржување на јавната хигиена. Станува збор за вкупно 19 мултифункционални камиони, девет цистерни за миење улици, како и за 21 мултифункционално возило за чистење улици, кои денеска, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за  транспорт, Александар Николоски, и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, беа промовирани на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Како што истакна Ѓорѓиевски, Скопје ќе добие повеќе од 27 возила, а другите возила ќе им бидат распределени на градовите: Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес.

Според скопскиот градоначалник, состојбата со хигиената во градот сега е нормализирана за разлика од пред една година.

– Тогаш беа во функција само 17 возила, додека сега се во функција 50 комунални возила – нагласи тој.

Воедно, додаде дека на Скопје му недостигаат и контејнери. Најави дека во наредниот период ќе бидат набавени плус пет камиони со средства од Град Скопје.

– Завршува рокот за жалби за контејнерите, така што во наредниот период градот би добил нови 3.200 контејнери – истакна првиот човек на градот.

Николоски нагласи дека многу ќе помогне набавката на возилата за квалитетно и урбано живеење, но и за подигнување на нивото на јавната чистота.

Тој сподели дека се обезбедени средствата за набавка на возилата со заштеда на средства преку проектот за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици што го спроведува Владата со Светска банка, веќе неколку години. 

– Последните два повици беа исклучително добро направени, но имавме заштеда на средства, во тој момент беа 5,5 милиони евра. Се сретнавме со директорката на Светска банка и со нејзиниот тим – се сеќавате, претходната година, што се случуваше во Скопје со поранешниот градоначалник на градот и во едни такви услови, разговаравме како е најдобро да им се помогне и на Градот Скопје и на другите општини. Идејата дојде дека, можеби, овие возила, кои се денес зад нас реалност, се најдобриот начин да им се помогне на Градот Скопје и на другите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда. Проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа набавка е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен, отворен процес успеавме да ја завршиме набавката, но и повторно да заштедиме средства – рече Николоски, заблагодарувајќи се за поддршката од Светска банка.

Премиерот Мицкоски им честиташе на сите оние што ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот и повика за општествена и за граѓанска одговорност.

– Нашата животна средина е наша животна средина и треба да си ја чуваме сите, подеднакво да бидеме одговорни кон неа – нагласи Мицкоски.

Тој спомена дека следен чекор е испораката на автобусите, кои би требало наскоро да почнат да се испорачуваат до општините за организирање еколошки јавен градски превоз.

– Јас сум убеден дека во периодот што следува ќе продолжиме да го испорачаме сето она што го ветивме – заклучи Мицкоски. 

(А. П.) Фото: (П.Стојановски)

 

 

ИЗДВОЕНИ