четврток, септември 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почнува четвртото издание на „Вкуси го југот“ – брендот на Општина Гевгелија

Почнува четвртото издание на „Вкуси го југот“ – брендот на Општина Гевгелија

11

Во Гевгелија утре почнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Тејст д саут“, кој е бренд на Општина Гевгелија. Во текот на трите фестивалски дена, од 11 до 13 септември 2026 година, посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционалните вкусови, локалните гастрономски производи, вината, музиката и во програмата наменета за сите генерации.

Годинашното издание ќе се одржи на нова локација: во Мега шопинг парк во Гевгелија.

Фестивалот ќе почне во 18:30 часот, а програмата в петок и в сабота ќе трае до 1:00 часот по полноќ.

В недела, содржините ќе почнат во 14:00 часот и ќе продолжат до полноќ.

„Тејст д саут“ четврта година по ред ги обединува гастрономската традиција, локалните производители, културното наследство и музиката во единствено фестивалско доживување. Секој фестивалски ден ќе биде посветен на различен препознатлив вкус од југот.

Утре, посетителите ќе може да ја проследат подготовката и да дегустираат домашен ајвар. Музичката програма ќе почне во 18:30 часот, со настапите на ЗГУД „Негорци“ од Негорци и на ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци. Во 19:30 часот ќе настапи Филип Стојанов, во 20:45 групата „Пауза за ракија“, а во 22:10 „Куку леле“. Првата фестивалска вечер ќе ја заокружи „Брас брадарс“, чиј настап е закажан за 23:50 часот.

Саботата ќе им биде посветена на смоквите и на производите од нив, додека в недела ќе се одржи дегустација на традиционална ракија. Саботната програма ќе почне во 18:30 часот, со КУД „Танец“ од Миравци. Во 19:15 часот ќе настапи „Леге артис“, а во 20:15 – Кико Болеро и „Болеро бенд“. Во 21:30 часот, на сцената ќе се појави групата „Нокаут“, додека вечерта ќе продолжи со настапот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе“ од 23:15 часот.

Последниот фестивалски ден, недела, ќе понуди програма за малите и за големите. Во 14:00 часот ќе настапи Школата за гитари при Пионерскиот дом, а во 15:00 – Школата за тапани при Пионерскиот дом. Во 17:00 часот ќе следува настапот на ансамблот „Бојмија“, а во 17:45 часот ќе настапи „Мистик“.

Во 18:30 часот ќе почне интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“. Вечерната програма ќе продолжи со Наталија Данаилова во 19:45, „Два бона“ во 21:00 и Каролина Гочева во 22:30 часот.

Неделата ќе ѝ биде посветена на традиционалната ракија, со дегустација и гастрономски содржини, како и целодневна забава за посетителите од сите возрасти.

Во фестивалската понуда ќе учествуваат и локални производители и винарници, кои ќе претстават пред посетителите избор на производи и вина. На тој начин, фестивалот ја промовира автентичната гастрономија на Гевгелискиот Регион и ги доближува неговите културно и кулинарско наследство до домашните и до странските посетители.

Со спојот на храната, виното, традицијата и на музиката, „Тејст д саут“ продолжува да ја претставува Гевгелија како гостопримлива дестинација со препознатлива јужна енергија и со автентична фестивалска понуда.

ИЗДВОЕНИ