По повод Европската недела на мобилност, Детскиот културен центар „Карпош“, утре, по 12 пат, традиционално ќе ја организира манифестацијата „Движи се за здравје“. Манифестацијата ќе се одржи со почеток во 10.00 часот кај фонтаната „Лотос“.
На овој спортски настан учество ќе земат најмалите, децата од скопските градинки.
– Преку вежбањето и движењата, децата ја откриваат брзината и вештината на поминување на поставените полигони, возењето велосипед, тротинет и други спортски активности кои ги подготвивме за нив – информираат од ДКЦ „Карпош“.
Притоа наведуваат дека целта на оваа манифестација е да се потсети дека вежбањето е еден од главните фактори за правилен раст и развој на децата, како и за подобрување на моторичкиот развој уште од рана предучилишна возраст.
Во реализацијата учествуваат и студенти од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.












