Покрај 500. милиони евра што ќе ги добијат општините, премиерот Христијан Мицкоски очекува најмалку 300 милиони евра да вложат компаниите со што ќе се дојде до бројка од 800 милиони евра или тоа е 5 проценти од БДП, ако буџетот биде проектиран на 16 милијарди евра.

Мицкоски не очекува зголемување на цената на струјата за домаќинствата да биде повисоко помеѓу еден и три проценти, додека за потрошувачите од првиот и вториот блок да изнесува 0,5 отсто

Премиерот Христијан Мицкоски в година очекува инвестициски циклус од 800 милиони евра, од парите од унгарскиот заем што ќе ги добијат општините за капитални проекти, а компаниите за развој на своето производство. Тој вели дека покрај 500. милиони евра, кои ќе ги добијат општините, очекува најмалку 300 милиони евра да вложат компаниите, поточно 250 милиони од кредитот и околу 50 милиони евра од самите корисници.

– Со тоа ќе дојдеме до вкупна бројка од 800 милиони евра или тоа е 5 проценти од Бруто-домашниот производ, ако го проектираме на 16 милијарди евра – објасни Мицкоски.

Во вторникот на владина седница помина одлуката за условите на кредитирање на домашните компании и веднаш е овластено Министерството за финансии да ги префрли средствата на сметка на Македонската банка за поддршка на развојот, а таа потоа да комуницира со комерцијалните банки.

– Тоа очекувам да се случи во текот на следната недела и официјално да започне овој проект. Секоја компанија ќе може да аплицира до 10 милиони евра, и да има минимум 20 проценти сопствено учество. Опфатени се проекти што предвидуваат набавка, монтажа на основни средства за работа, софтвер, производни капацитети од обновлива енергија што ќе произведуваат енергија од обновливи извори на енергија. Исто така, опфатени се оние компании што сакаат да инвестираат во административен или во магацински простор, бидејќи еден производен погон мора градежно да се затвори, мора тоа да се изгради. Така што очекувам најмалку 300 милиони евра инвестициски циклус – истакна Мицкоски.

Струјата ќе поскапи минимално од 1 јануари

АД ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум понуди цена од 62 евра за мегават/час. Оваа цена е за две евра повисока од досегашната што ЕСМ му ја продаваше на универзалниот снабдувач и таа има најголемо влијание врз цената на струјата што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јануари следната година.

Премиерот Мицкоски не очекува зголемување на цената на струјата за домаќинствата да биде повисоко помеѓу еден и три проценти, додека за потрошувачите од првиот и вториот блок да изнесува 0,5 отсто.

– Тоа е одлука на Регулаторната комисија, но јас очекувам да не се движи повеќе од она што го зборував, значи помеѓу еден и три проценти, што е најниско зголемување, убедливо неколку пати во регионот и Европа. Во првиот и вториот блок, каде што се најголемиот дел од потрошувачите или повеќе од 75 проценти не очекувам да биде повисока од 0,5 проценти – рече Мицкоски.

Новата цена на струјата треба да биде дефинирана до крајот на годинава, а ќе важи од 1 јануари.

Од АД ЕСМ, за весникот ВЕЧЕР, изјавија дека еден од приоритетите и поставените предизвици на компанијата за наредниот период е намалување на производната цена на електричната енергија која во моментов изнесува 118 евра за мегават/час.

–  Со стручен и професионален пристап компанијата ќе се фокусира кон намалување на производната цена за 35 до 40 отсто, а тој тренд на опаѓање се надеваме дека ќе продолжи и наредните години. Приоритет ќе биде ставен на зголемување на домашното производство, намалување на трошоците што учествуваат во цената, како и намалување на набавките на електрична енергија. За жал, како резултат на сушниот период што резултира со намалени дотоци во акумулациите кој се провлекува преку целата календарска година хидропотенцијалот е сведен на 10 отсто, и е далеку под повеќегодишниот просек за овој период од годината – велат од АД ЕСМ.

(С.Бл.)