Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Мајкл Олисе (24), повторно е во центарот на вниманието, но овој пат не поради своите игри на теренот. Играчот на Баерн од Минхен, кој запиша на неодамна завршениот Мундијал рекордни седум асистенции и стана најдобар асистент во историјата на едно Светско првенство, се соочува со сериозни обвинувања поврзани со неговиот приватен живот.

Германски „Билд“, а потоа и шпанска „Марка“, објавија интервју со Фатима Зонбришер (34), која тврди дека има ќерка со францускиот репрезентативец, информација што досега никогаш не беше јавно позната.

Според нејзината приказна, се запознале преку „Инстаграм“, во 2022 година, додека настапувал Олисе за Кристал палас. Нивната врска брзо станала сериозна, а таа често патувала во Лондон за да бидат заедно.

Вели дека ги зближило и нивното северноафриканско потекло. Таа е со марокански корени, додека Олисе има алжирско потекло.

  • Тој е половина Алжирец, а јас половина Мароканка. Нашите земји се соседи, а и двајцата не сакаме големи забави и метеж – изјави таа.

Врската, според нејзините тврдења, траела околу две години, но завршила поради несогласување. Таа наведува дека тој поминувал голем дел од времето играјќи видеоигри, а дополнителен проблем претставувало појавувањето на друга жена.

Најголемиот пресврт следувал две недели по раскинувањето, кога дознала дека е бремена.

Олисе во меѓувреме направи голем трансфер во Баерн од Минхен, а според „Билд“, во Германија бил направен тест за татковство, кој покажал дека токму тој е татко на девојчето Алија Нур, кое денес има околу 20 месеци. Наводно, фудбалерот го признал татковството по добивањето на резултатите. Но, тука не завршуваат обвинувањата.

Зонбришер тврди дека по тестот, нивниот однос целосно се влошил и Олисе повеќе не комуницирал ниту со неа ниту со детето, туку целата комуникација им ја препуштил на адвокатите. Таа додава дека особено ја погодило тоа што, како што тврди, фудбалерот не покажал желба активно да учествува во животот на својата ќерка.

Според нејзините зборови, адвокатите на Олисе првично понудиле месечна алиментација од 836 евра, а подоцна била зголемена сумата на 2.000 евра. Сепак, таа тврди дека речиси две години не добила никаква исплата.

Како дополнителен пример за напнатите преговори, открива дека била шокирана кога предложил еден од адвокатите да се купува користена облека за нивната ќерка.

Од друга страна, правниот тим на Олисе категорично ги отфрла овие обвинувања. Според нив, тој уште од самиот почеток бил подготвен финансиски да го поддржува детето и сака да заврши случајот со договор меѓу двете страни.

Воедно, адвокатите тврдат дека мајката, во судската постапка во Франција, побарала дури 60.000 евра месечна издршка, сума што ја оценуваат како целосно неоснована.

Додека Франција се обидува да го заборави разочарувањето од Светското првенство, Олисе е во центарот на една од најголемите приватни афери во европскиот фудбал и останува да се види како ќе заврши правната битка што веќе предизвикува огромно внимание во јавноста.

ИЗДВОЕНИ