недела, ноември 1, 2026
Дома СВЕТ Сомалиски пирати киднапираа ирански рибарски брод со 23 лица на палубата

Сомалиски пирати киднапираа ирански рибарски брод со 23 лица на палубата

0

Сомалиски пирати киднапираа ирански рибарски брод, „Азини“, со 23 лица на палубата, соопшти Поморскиот безбедносен центар за Индискиот Океан.

Тие предупредија дека бродот се приближува кон комерцијална поморска рута и би можел да се користи како пловечка база за понатамошни напади.

Бродот бил киднапиран во четвртокот помеѓу крајбрежните градови Бандар Бејла и Хафун во североисточна Сомалија, изјави денеска за „Асошиејтед прес“ (Associated Press) претставник за поморска безбедност од полициските сили на автономниот сомалиски регион Пунтланд.

Според овој претставник, 12 пирати ја презеле контролата врз бродот, на кој се наоѓале 21 ирански член на екипажот и двајца сомалиски чувари.

Од центарот наведоа дека моментално не се знае каква е безбедносната состојба на членовите на екипажот. Во дополнителното предупредување се истакнува дека пиратите би можеле да го користат бродот како „матичен брод“ – односно база за поддршка на напади врз комерцијални пловни објекти.

Поморската операција на Европската унија, „Аталанта“, започна истрага, а центарот апелираше до пловилата во тој регион да бидат претпазливи и да пријават каква било сомнителна активност.

Ова киднапирање се случува во време кога повторно се засилува пиратството во Сомалија, Аденскиот Залив и западниот дел на Индискиот Океан. Во периодот од април до август, пиратите киднапираа шест комерцијални бродови, при што некои од нападите се случија далеку од сомалискиот брег, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ