Александар Зверев доживеа шокантна елиминација на мастерсот во Рим, откако загуби од Лучијано Дардери со 1:6, 7:6, 6:0.
Германецот целосно потфрли во третиот сет, во кој не освои ниту еден гем, а по натпреварот беше видно фрустриран и разочаран. Наместо да ја побара вината во својата игра, Зверев жестоко го нападна теренот и условите за игра.
- Мислам дека ова е најлошиот терен на кој сум играл. Јуниори, професионалци, фјучерс, тренинг… никогаш не сум играл на ваков терен. Имам меч-топка и топката ми скока преку глава. Имам брејк-топка, а топката се тркала. Секако, ветерот беше силен, но мислам дека требаше да го добијам мечот во два сета. После тоа тој играше фантастично, изјави Зверев.
Мечот почна одлично за германскиот тенисер, кој првиот сет го доби убедливо со 6:1 и направи ран брејк и во вториот. Сепак, Дардери успеа да се врати, а вториот сет заврши во драматичен тај-брејк. Таму Зверев имаше дури четири меч-топки, но не искористи ниту една и го загуби тај-брејкот со 12:10. Oчигледно, тоа целосно го исфрли од ритам, па во третиот сет беше буквално прегазен.
По раната елиминација на Новак Ѓоковиќ, повлекувањето на Карлос Алкарас и поразот на Зверев, Јаник Синер добива идеална шанса за нова титула на домашен терен.











