Патниците ширум светот не треба да очекуваат брз пад на цените на авионските билети и покрај значителниот пад на цените на горивата за авиони по напредокот во преговорите меѓу САД и Иран, изјавија денес претставници на авиоиндустријата.
Цената на горивата за авиони во САД падна од 4,88 долари на 2,85 долари за галон по објавувањето на планот за постигнување конечен договор меѓу Вашингтон и Техеран, што би можело да донесе годишни заштеди за американските авиокомпании од над 40 милијарди долари, објави Ројтерс.
Сепак, превозниците велат дека пониските трошоци за гориво нема автоматски да доведат до пониски цени на билети, бидејќи компаниите се обидуваат да ги надоместат загубите настанати во текот на месеците со високи цени на енергијата.
Според проценките на индустријата, најголемите американски авиокомпании досега успеале да компензираат само дел од зголемените трошоци за гориво преку повисоки цени на билети.
Експертите истакнуваат дека ограничениот капацитет на воздушниот сообраќај, доцнењата во испораките на нови авиони и намалената конкуренција од нискобуџетните превозници им овозможуваат на компаниите да го одржат сегашното ниво на цените.
Затоа, не се очекува да избувне ценовна војна меѓу авиокомпаниите и покрај падот на оперативните трошоци.
Аналитичарите велат дека евентуално намалување на цените на билетите би можело да се случи само ако пониските цени на горивата траат подолг период и ако побарувачката за патувања ослабне, но засега нема знаци за таков развој.
Закрепнувањето на маржите на профит во моментов има приоритет пред намалувањето на цените за патниците, што значи дека придобивките од поевтиното гориво прво ќе ги почувствуваат авиокомпаниите, а дури потоа потрошувачите.












