| Опасен феномен – пирокумулонимбус се заканува да ги рашири пожарите во Франција, уште гори и во Шпанија |
Продолжуваат да се шират пожарите што речиси цела недела беснеат во југозападна Франција и во повеќе делови од Шпанија. Во двете земји се раселени повеќе од 360.000 луѓе. Додека француските пожарникари се борат со пожарот во населбите околу Бордо, нивните шпански колеги се обидуваат да го одржат напредокот во гаснењето на пожарите и да спречат нови разгорувања во областа на Мадрид.
Во Франција се очекува влошување на ситуацијата поради појавата на редок феномен – пирокумулонимбус, познат и како „огнен облак“ или „змејови меѓу облаците“, што е облак што го создава самиот пожар. Експертите објаснуваат дека силните пожари, како овој во Франција, ослободуваат огромни количества топлина и енергија, кои заедно со чадот брзо се креваат во атмосферата. Кога столбот од чад ќе се искачи доволно високо, воздухот се лади поради понискиот атмосферски притисок, влагата се кондензира и се формира облак. Ваквите облаци можат да предизвикаат молњи и силни налети на ветер. Ако пожарот е доволно голем и интензивен, столбот од чад може да прерасне во пирокумулонимбусен облак, кој достигнува висина од 10 до 15 километри и продира во стратосферата. Американската вселенска агенција НАСА ги опишува овие облаци како „змејови што издишуваат оган меѓу облаците“.
– Тоа е вистинска бура со грмотевици што се формира во столбот чад над огнот. Ваквите облаци можат да покријат до околу 10.000 кубни километри од атмосферата, па затоа имаат огромно влијание – објаснува Рик Мекреј, соработник на истражувачката група за шумски пожари на Универзитетот во Нов Јужен Велс во Австралија.
Кога се формираат „огнени облаци“, тие можат да создадат силни ветрови што дополнително го забрзуваат ширењето на пожарите. Понекогаш предизвикуваат и молњи што можат да запалат нови пожари на километри оддалеченост од оригиналното жариште, пишува „Гардијан“.
– Таквиот облак е јасен знак дека пожарот е исклучително опасен. Неговата појава потврдува дека одлуката за евакуација на голем број луѓе е целосно оправдана – објасни Мекреј, кој работеше како менаџер за гаснење пожари 30 години.
Овој феномен се јавува првпат во Франција, каде што досега се евакуирани 220.000 луѓе од критичните зони. Најопасно е во областа Жиронд, југозападно од Бордо, каде што гори од минатата недела. Пожарот се приближува до Бордо и околните лозја, но засега не се стравува од поопасно приближување до познатиот вински регион. Во областа на аеродромот на Бордо евакуирани се хотелите. Горат повеќе од 420 квадратни километри на кои целосно уништени или оштетени се повеќе од 240 куќи, а шумите се пеплосани. Францускиот претседател Емануел Макрон го посети Бордо и зборувајќи пред пожарникарите ги оцени овие пожари како најопасна криза од Втората светска војна. Тој вети директна државна помош за луѓето кои изгубиле сè во пожарите и најави промена во стратегијата за обнова на уништените подрачја со садење поинаков вид шуми.
Во Шпанија е во сила национална вонредна состојба поради повеќе големи пожари во централните и источните региони. Најтешка е ситуацијата околу Мадрид, Авила и околу Кастељон, каде што огнот зафати огромни површини шума и ниска вегетација. Дел од пожарите сè уште не се ставени под контрола. Шпанскиот министер за внатрешни работи нареди евакуација на уште два града во близина на Мадрид – Санта Марија де ла Аламеда и Лас Навас дел Маркес, откако досега се евакуирани повеќе од 40 градови во регионот на Мадрид и провинциите Авила и Толедо, објави. Во седум други градови, на жителите им е наредено да останат во своите домови. Вкупно, на околу 116.000 луѓе во Шпанија им е наредено да ги напуштат своите домови, вклучувајќи околу 63.000 во областите загрозени од главниот пожар во близина на Мадрид. Како и во Франција и Во Шпанија е стравува од влошување на состојбата со доаѓање на новиот топлотен бран, кој според метеоролозите ќе донесе температури повисоки од 40 Целзиусови степени.
Властите во двете земји апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите за евакуација, да избегнуваат патувања во погодените области и да бидат внимателни поради густите облаци чад, кои го влошија квалитетот на воздухот во голем дел од Франција и Шпанија. Пожарите се случуваат среде туристичката сезона, предизвикувајќи големи штети на локалните економии.












