Нов топлотен бран од среда ќе го погоди Балканот и ќе трае најмалку до 10 август, прогнозираат метеоролозите.
Ова ќе биде најинтензивен топлотен бран ова лето, со раст на температурите од ден на ден. Се очекуваат дневни температури од над 40 Целзиусови степени во сенка во некои делови, како и тропски ноќи со високи минимални температури.
И по првата декада на август, температурите ќе останат високи. Дење ќе се движат до 35 степени, а ноќе од 20 до 25 степени.
– Во периодот од 10 до 15 август, можни се локална нестабилност и краткотрајни дождови, но без значително опаѓање на температурата. Максималните вредности ќе останат помеѓу 30 и 35 степени, со зголемена влажност на воздухот и многу спарно време. Овој топлотен бран ќе биде под највисокото ниво на метеоролошко предупредување од почетокот на летото – вели метеорологот на српскиот РХМЗ, Слободан Совиљ, за „Курир“.
Тој препорачува посебна претпазливост за децата, постарите лица, хронично болните и за работниците што работат на отворено. Работното време треба да се приспособи на временските услови и да се избегнува престој на отворено во најжешкиот дел од денот, помеѓу 10:00 часот наутро и 17:00 часот попладне.












