Компаниите во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) бележат стабилен раст и во делот на придонесот во државниот буџет и во однос на платите на вработените, вели директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски. Според него, во 2024 година компаниите од ТИРЗ уплатиле 5,7 милијарди денари во буџетот, додека државната помош изнесувала околу 2 милијарди денари.

Во текот на 2025 година, како што посочи, уплатите надминале 6,3 милијарди денари, а државната поддршка се намалила на околу 1 милијарда денари.

Тој нагласи дека засега нема индиции за повлекување на компании од зоните, иако во одредени случаи се случува враќање на државна помош доколку не се исполнат договорните обврски.

Во фокусот, според Димовски, е и растот на платите. Тој посочи дека во 2025 година, во споредба со 2024, има зголемување од околу 6 проценти на нето платите во компаниите од ТИРЗ, додека бројот на вработени останува стабилен на околу 18.000 лица.

Од Дирекцијата очекуваат позитивниот тренд да продолжи и во наредниот период, со најави за нови инвестиции, дополнително зголемување на платите и отворање нови работни места во зоните.

ИЗДВОЕНИ