среда, октомври 14, 2026
Дома БАЛКАН Зимата се поскапа, Грција повлекува потег: Поголема помош за греење и поевтино...

Зимата се поскапа, Грција повлекува потег: Поголема помош за греење и поевтино гориво

24

Грчката влада ќе ги зголеми паричните надоместоци за греење за 30 отсто и ќе воведе директни субвенции за маслото за греење за да ги ублажи последиците од растот на цените на енергенсите врз домаќинствата, најави во вторникот министерот за финансии на Грција и претседател на Еврогрупата, Киријакос Пиеракакис.

Мерките ќе опфатат стотици илјади семејства ширум земјата, а целта им е намалување на трошоците за греење пред почетокот на зимската сезона, пренесува „Еуроњуз“.

– Во тешки економски околности, додека енергетската криза ја става на искушение отпорноста на домаќинствата ширум светот, наш приоритет е да го намалиме притисокот врз семејствата. Затоа воведуваме двојна поддршка – директна субвенција која веднаш ќе ја намали цената на маслото за греење и зголемување на надоместокот за греење за 30 отсто во однос на минатата година – изјави Пиеракакис.

Тој нагласи дека грчките власти не можат да ја запрат меѓународната енергетска криза, но можат да осигурат граѓаните да не го сносат сами нејзиниот финансиски товар.

Според информациите на грчката јавна телевизија ЕРТ, минималниот надоместок за греење, кој минатата година изнесуваше 100 евра, треба да биде зголемен на 130 евра, додека максималниот износ би можел да порасне од досегашните 1.200 на повеќе од 1.500 евра.

Висината на помошта ќе зависи од семејниот статус, бројот на членови на домаќинството и географското подрачје во кое корисниците живеат.

Повисоки износи се предвидени за подрачја со изразито ниски температури и зголемени потреби за греење, додека надоместоците во деловите од земјата со поблаги зими ќе бидат пониски.

Помошта не се однесува исклучиво на домаќинствата што користат масло за греење, туку, со исполнување на пропишаните услови, опфаќа и греење на електрична енергија, природен гас, огревно дрво и други прифатливи енергенси.

Потпретседателот на грчката влада Костис Хаѕидакис најави дека цената на маслото за греење за крајните потрошувачи, на почетокот на сезоната на греење на 15 октомври, треба да биде значајно пониска од 1,75 евра по литар.

Според неговите зборови, освен државните субвенции и зголемените надоместоци, се очекува и дополнителна поддршка од рафинериите, кои со сопствени попусти би можеле да придонесат за намалување на цените.

Надлежните министерства треба во среда, 14 октомври, да ги претстават деталите за новите мерки, вклучувајќи го начинот на нивна примена.

ИЗДВОЕНИ