Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Србија соопшти дека ЕУ внимателно ја следи предизборната кампања пред претстојните парламентарни избори во Србија, истакнувајќи дека властите и сите релевантни чинители во земјата сносат одговорност за обезбедување на интегритетот на изборниот процес.
Како што се наведува во соопштението, Европската унија е посветена на поддршката на Србија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ, а слободните, фер и транспарентни избори, спроведени во согласност со меѓународните стандарди, се неопходни за Србија да ги исполни демократските критериуми за напредок кон членство во ЕУ, пренесува Н1.
„Тоа подразбира право на граѓаните да донесат одлука слободно и врз основа на информации, еднакви услови за сите учесници на изборите, еднаков пристап до медиумите, безбедност на новинарите, поттикнувачка средина за граѓанското општество и јасно раздвојување на државата и партијата, со избегнување на несоодветни предности што произлегуваат од вршењето на власта. ЕУ потсетува на долгогодишните препораки на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) за унапредување на изборниот процес во Србија“, се наведува во соопштението.
Се истакнува и дека сите политички лидери треба да придонесат кон мирна и демократска средина.
„Граѓаните на Србија очекуваат кампања која го почитува политичкиот плурализам и слободата на изразување и која е лишена од дезинформации, запалива реторика и насилство. Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) би требало систематски да ги следи прекршувањата на медиумските правила и да реагира на нив. ЕУ има исти очекувања и ги повикува властите во Србија да ја осигураат заштитата на сите учесници на изборите, домашните и странските новинари, како и домашните и меѓународните набљудувачи за време на читавата кампања и изборниот процес“, пишува во соопштението.
Делегацијата ја истакнува загриженоста поради „повеќе пријавени инциденти на насилство, на кои нема место во изборниот процес“.
„На сите случаи на насилство потребно е брзо, транспарентно и веродостојно институционално да се реагира за одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Новинарите и организациите на граѓанското општество мора да можат да делуваат во безбедна средина“.
Исто така, како што се нагласува, од ЕУ очекуваат сите надлежни институции брзо да реагираат во случаите на можни неправилности за време на кампањата и на денот на изборите, како и навремено да ги разгледуваат приговорите во сите фази на изборниот процес.
Се поздравува упатувањето на долгорочната изборна набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР на покана на надлежните органи, како и поканата до Европскиот парламент да ги набљудува изборите и придонесот на домашните набљудувачи кон зачувувањето на интегритетот на изборниот процес.
Парламентарните избори во Србија ќе бидат одржани во недела, 25 октомври.












