среда, октомври 14, 2026
Дома СВЕТ Ватикан потврди: Папата Лав има рак на белите дробови

Ватикан потврди: Папата Лав има рак на белите дробови

0
EPA/JOSE SENA GOULAO

Операцијата на папата Лав XIV потврди дека тој боледува од рак на белите дробови, а за време на зафатот му беше отстранет долниот резен од десното белодробно крило, соопшти Ватикан во вторникот.

Резултатите од испитувањата ја потврдија дијагнозата на аденокарцином на белите дробови, се наведува во медицинскиот билтен на Ватикан објавен по операцијата. Сомнеж за болеста постоеше и пред зафатот, врз основа на преоперативните наоди, а таа беше потврдена за време на самата операција.

Седумдесет и едногодишниот папа помина околу три часа во операционата сала, се вели во соопштението. Самата операција траеше приближно 90 минути.

„Операцијата беше успешна и немаше никакви компликации“, соопшти Ватикан.

„За да се обезбеди целосно отстранување на зафатеното ткиво, долниот резен од десното белодробно крило беше отстранет со помош на видео-асистирана техника“, се наведува во соопштението.

„Хистолошката анализа извршена за време на операцијата ја потврди дијагнозата на аденокарцином на белите дробови, за кој постоеше сомнеж врз основа на преоперативните наоди“, се додава во соопштението.

Според Ватикан, папата „нормално се разбудил од анестезија“ по зафатот и бил вратен во својата соба на десеттиот кат од римската болница „Џемели“.

Претходно истиот ден, Лав XIV влезе во болницата „Џемели“ преку главниот влез и им мавташе на десетиците луѓе кои се собраа да го поздрават.

Ватикан соопшти дека операцијата ја извршил тим предводен од д-р Стефано Маргаритора, раководител на одделот за торакална хирургија во болницата „Џемели“.

ИЗДВОЕНИ