Да се има силна волја и афирмативна цел, значи да се живее своето икигаи. Оваа јапонска идеја може да се преведе како „среќа е да се биде секогаш зафатен и исполнет со смисла“. Според авторите Ектор Гарсија и Франсеск Миралјес, ова начело придонесува за долговечноста на Јапонците, особено од местото Огими на островот Окинава. Клучот е во неверојатната радост која изникнува од староседелците и го води нивниот живот по долгиот и пријатен пат. Една од тајните на жителите на Огими е нивното чувство за припадност на заедницата. Се претпочитаат пријателствата, лесната исхрана, соодветниот одмор и лесните вежби, како и животната радост и практикувањето на личното икигаи.
- Витални и здрави и на стари години
Во Јапонија, голем дел од луѓето се активни и по пензионирањето. На островот Окинава има голем број лица постари од 100 години отколку во кое било друго место на планетава. Проучувајќи ги животните и здравствени навики на жителите на Окинава, Ектор Гарсија и Франсеск Миралјес констатирале: „Освен тоа што живеат многу повеќе години од останатиот дел од светското население, страдаат од помалку хронични болести какви што се ракот или кардиоваскуларните заболувања, а и воспалителните болести се далеку помали. Голем е бројот на стогодишници со завидливо ниво на виталност и здравствена состојба која е незамислива за постарите луѓе низ светот. Случаите на деменција се исто така со далеку понизок индекс од просекот на светското население“.
Според научниците, клучот за долг живот произлегува од следните активности: „квалитетна исхрана, вежбање, имање цел во животот (икигаи), позитивни социјални врски, потпирање на повеќе пријатели или добри односи во фамилијата“. За разлика од западниот човек кој постојано е во трка со времето, под влијание на константни притисоци и хедонистички тенденции, жителите на местото Огими во Окинава своето време го користат за да го намалат стресот, јадат малку месо и преработени продукти, умерено пијат алкохол, манифестираат позитивизам, ја следат својата цел и не форсираат брзо темпо на животот. Физичките вежби што ги практикуваат не се напорни, а слободното време го користат за кратки прошетки и за работа во цветната градина.
Лозунгот од антиката – „Во здрав дух, здраво тело“, нагласува дека колку што е важно да одржуваме здрав и активен дух (ум), уште поважно е да го јакнеме и вежбаме телото бидејќи здравјето на духот е поврзано со здравјето на телото. Постојаното излежување и недостигот на физички активности го слабее телото и влијае негативно врз душевната состојба. Од друга страна, слабата умствена надградба неповолно влијае врз духовната стабилност на личноста, предизвикувајќи несигурност и интелектуално уназадување. Во јапонската култура духовната суштината на личноста е претставена преку терминот „мабуи“: извор на животна енергија и патоказ за хармонично живеење.
- Влијанието на стресот врз здравјето
Недостигот на внатрешен мир, неразрешените трауми од минатото, немањето вистинска цел во мигот на сегашноста и стравот од иднината длабоко ја поткопуваат психофизичката стабилност на личноста и придонесуваат некои луѓе да изгледаат постаро отколку што навистина се. Константната состојба на стрес, кризи и негативни влијанија се едни од главните причинители за предвременото стареење и за „трошењето“ на духот и телото. Научните истражувања покажуваат дека постојаната подложност на стрес влијае врз нашата кожа, го слабее кардиоваскуларниот систем, им наштетува на органите на телото и го зголемува дегенеративниот ефект во клетките.
Практикувањето на јапонската техника – икигаи може да помогне да ги неутрализираме штетните последици од стресот и кризата. Ако стресот не можеме целосно да го избегнеме, можеме да го препознаеме и навреме да се заштитиме. Зајакнувањето на духот и телото се моќна заштита и силен бедем пред животните проблеми и искушенија. За почеток, треба да почнеме да уживаме во малите обични радости; да го цениме секој миг од животот (ичиго-ичие); постојано да вложуваме во себе и да се подобруваме (каизен) и да ја следиме својата животна цел и мисија (икигаи). Тоа подразбира, да го слушаме нашето јас и будно и самосвесно да живееме.
- Фокусирај се на сегашноста
Јапонската култура ја прифаќа минливата природа на човекот и на сето она што го создаваме. Терминот „ичи-ги ичи-е“ учи да се фокусираме на сегашноста и да уживаме во секој момент што ни го дава животот, а „ваби-саби“ да ја цениме убавината на несовршеното како шанса за раст и развиток. Во тој контекст е и популарната јапонска поговорка: „Ако паднеш седумпати, тогаш стани осумпати“.
Во Јапонија преовладуваат максимите: човечкиот живот содржи тага; оние што се сретнуваат, мораат да се раздвојат; тој што е роден, мора и да почине. Овие согледби се во духот на кодексот бушидо: да се трпи и неволјите и искушенијата да се дочекаат со стрпливост и чиста совест.
Историјата на македонскиот народ покажува дека долгото трпење и слепо прифаќање на разните економски, политички и општествени подјармувања не ѝ се непознати, туку станале архетип на колективното несвесно и концепт на поданичко однесување. Јапонскиот колективен концепт поседува двозначност – од едната страна е поднесувањето и прифаќањето на судбината, но од другата страна е витешкиот дух, непоколебливоста во бранење на индивидуалните и колективни права и определбата за борба до крај за својата националната чест и лично достоинство.
Без оглед што животот честопати е исполнет со многу болки и страдања, сите ние треба да имаме позитивен став и верба дека ќе биде подобро. Здравиот став кон нештата, оптимизмот и правилното управување со емоциите се клуч на мирот и успехот. Емоциите опфатени со страв, грижа, вознемиреност или гнев се причинители на многу душевни болки и страдања. Од односот што го имаме кон сопствените емоции зависи дали ќе постигнеме психофизичка хармонија или ќе живееме во стрес и дисхармонија. Јапонскиот психијатар и зен-будист, Шомо Морита, креирал психотерапија која препорачува да ги прифатиме своите чувства без да се обидуваме да ги контролираме. Според него, оздравувањето ќе дојде на спонтан начин, само потребно е време, трпеливост и опуштеност. Терапијата на Морита не се обидува директно да ги елиминира симптомите, туку подучува природно да ги прифатиме нашите страдања, стравови и грижи. Суштината е да не се притискаме и дополнително себеразјадуваме со разни ментални конструкции, критикувања и себеобвинувања за околноста во која се наоѓаме и за состојбата со која се соочуваме.
- Пронаоѓање на смислата
Според јапонскиот термин „икигаи“, решението за чувството на празнина, фрустрација и вознемиреност е во барањето на смислата на сопственото постоење. За овие нешта пишувал и австрискиот невропсихијатар, Виктор Франкл. Во книгата „Човековата потрага по смисла“, тој напишал дека терапевтските методи на логотерапијата можат да им помогнат на пациентите да се извлечат од егзистенцијалната фрустрација и да го надминат духовното страдање. Едно од главните начела на логотерапијата е дека основната грижа на човекот не е барање задоволство и избегнување на болката, туку пронаоѓање на смислата во своето постоење. Тезата на логотерапијата е: „Човекот е подготвен дури и да страда, но под услов страдањето да има смисла“.
Лошите животни искуства како логораш во Аушвиц, му помогнале на Виктор Франкл да разбере дека „на човекот може да му биде одземено сѐ, освен едно: основната човекова слобода во сите околности да го избере своето однесување, да го избере својот сопствен пат“.
Стремежот кон мирен и хармоничен живот е нужна потреба за сите што вложуваат во достоинството на личноста и ги почитуваат етичките аспекти на постоењето. Ништо на светот не му помага на човекот толку делотворно, дури и во најтешките услови на постоењето, како сознанието дека неговиот живот има смисла. Во тој контекст, филозофот Фридрих Ниче има кажано: „Кој знае зашто да живее, ќе го поднесе речиси секое како да живее“.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












