Македонија е лулка на раното средновековно духовно издигнување и културно просветување на европските простори. Од нејзина територија е испратена просветителската порака за трајната определба на човештвото кон знаењето, хуманоста, добродетелта и среќата.
Пресвртница во културниот, па и во историскиот развиток на сите словенски народи претставува ангажирањето на византиските мисионери, солунци, Константин Филозоф – свети Кирил (827-869) и Методиј (825-885). Тие се основоположници на словенската писменост и култура, создатели на првата официјална словенска азбука, и тоа врз основа на еден македонски говор (од околината на Солун), односно од јазикот на македонските Словени од времето на IX век. Кирил и Методиј се автори на првиот словенски книжевен јазик, на преводите на светите и богослужбени книги на словенски јазик и едни од најзначајните словенски писатели. Тие ги вовеле создадените јазик и литература во училиштата и во црквата, а бидејќи бил народен, јазикот нужно станал темелен камен во изградбата на културата.
Со создавањето на глаголицата и со преведувањето на книгите од грчки јазик на јазикот на македонските Словени, светите Кирил и Методиј ги удриле темелите на словенската писменост.
Тие се светители на духот и на добрината, кои со своето дело не ги оставиле во аманет само новитетите во јазикот и во културата туку и моралните и позитивни вредности на живеењето. „Тие сметале дека оној што знае и ќе прави добро. Затоа му се посветиле на воздигнувањето на луѓето. Словените ги слават како просветители и доносители на моралот. Нивниот силен плам никогаш не запре да гори. И папата Јован Павле II, кој е првиот римски епископ Словен и етичар по професија, во 1985 година ги прогласи светите Кирил и Методиј за сопокровители на Европа, истакнувајќи ги нивните ученост, учителска моќ и морална доблест“.
Кирил укажувал дека моралот е смислата на егзистенцијата на луѓето, врв на нивната животна активност, бидејќи без етичко поведение и насоченост кон Бога, не може да се очекува излез од мачнината и спас од егзистенцијалниот товар. Неговата согледба за светот била дека тој е израз на злото и гревот, кои може да се надминат ако се елиминираат ниските страсти и грешните потреби на телото, а ѝ се даде предност и духовно се воздига душата, која е вдахната од Бога.
Во таа насока, оделе и зборовите на Методиј: „Каква полза има човек – и целиот свет да го добие, а душата своја да ја испразни или да ја погуби? Што ќе добие човек во замена за својата душа?“
Кирил Темков смета дека покрај делото и поуките на големите философи, учители и етичари, светите Кирил и Методиј, за нас, Македонците, особено значење има и поттикнувањето од нивните ученици, светите Климент (околу 835- 916) и Наум Охридски (830-910), кои се духовни творци на македонската култура и нација. „Тие не се само најспособни и најзначајни личности што живееле и твореле во Македонија од средниот век до денес, тие се наши првоучители, оние чија дејност и мисла лежат во темелите на постоењето и на културната доблест на нашиот народ“.
Климент Охридски бил основоположник на словенската писменост и култура во Македонија и директен продолжувач на македонската книжевна традиција, која ќе се развивала во текот на вековите, најчесто анонимно, до времето на писателите од XIX век, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Теодосија Синаитски и други.
Тој е првиот оригинален словенски и македонски поет, беседник, просветител и составувач на голем број „слова“, со кои го подучувал населението како правилно да ги исполнува верските обреди и како да ги препознава вредностите на етичкиот и духовен живот.
Во своите духовни и просветителски стремежи, Климент Охридски им посветил особено место на етичките сознанија, кои треба да му помогнат на човекот да се осмисли самиот себеси и својата добродетелна егзистенција. Една од најголемите етички пораки потекнува од овој наш величествен духовник, кој во форма на категорички императив препорачал: „Тргај се од злото и прави добро!“
Климент Охридски се прославил и како оригинален просветител и основач на првиот македонски универзитет во Охрид, кој станал најзначаен словенски книжевно-културен центар на средновековието.
Во школата минале околу 3.500 ученици, кои станале суштински проповедници на христијанството на словенски јазик. Климент Охридски ја создал втората верзија на словенското писмо – кирилицата и ги напишал светите книги (житија) за своите велики учители. Заедно со свети Наум, тој е создател на првите словенски цркви и манастири како културни и животни центри и бил првиот словенски епископ кај јужните Словени.
Климент Охридски ги поучувал верниците и свештениците дека нема ништо полошо од морална несвесност, која нужно ќе го соочи поединецот со духовна пропаст, особено доколку не воспостави единство на мудроста и етичноста. Затоа искажал етички поуки во кои првично од себеси, а потоа и од црковните лица, очекувал исполнување на моралната одговорност и на духовната должност: „На епископот и на попот му прилега да ги поучува и да ги упатува луѓето што му се доверени. А тој самиот прв треба да се оттргнува од секакво зло… Епископот треба да е беспорочен, како Божји пратеник, да не си угодува себеси, ниту да се гневи, да не е пијаница и злобен, да не е лаком на дарови, но да е гостољубив и справедлив, да им помага на тие што му се доверени, поучувајќи ги… Да биде моќен утешител, самиот во сѐ да дава пример со добро дело“.
Климент Охридски укажал дека „се лаже оној што верува дека неморалното дејствување останува незабележано, дека со него ќе освои некаква придобивка и дека ќе може да го оправда злото. Страста по негативното ја уништува човековата егзистенција, бидејќи го уништува она што е во него од Бога“.
Поуките што им ги упатувал Климент Охридски на луѓето имале цел да ги поттикнат кон духовна хармонија, морални вредности и кон елиминирање на копнежот кон славата, парите и задоволствата на телото. Тој укажувал дека во светата црква треба да се доаѓа со чисто срце, без гнев и злоба и на Бога да му се помолиме, барајќи да бидеме исчистени од секакви гревовни постапки. Во деновите кога се празнуваат светителите, препорачувал да се угледаме на нивната чистота и на нивните добродетели. „Угодување на Бога е ако се зафатиме за молитви и ако лицемерно не ги празнуваме празниците; и да ги следиме нив со свето дело, со чистота на својата душа, просветлувајќи ги срцата и правејќи добрини. Такво празнување сака Господ, кога туѓинците ќе се со нас, кога гладните ќе ги нахраниме, кога голите ќе ги облечеме, кога затворениците со понада ќе ги посетиме, кога на навредените ќе им пружиме некаква помош, кога на болните и сиромашните ќе им се пружи од наша страна некаква помош, кога со смирение и нелицемерие, со вистинска љубов ќе се почитуваме еден со друг“.
Вистински пост не е само да се воздржуваш од храна или пиење туку и да избегнуваш секаков грев, сметал свети Климент. Според него, од најголемо значење е луѓето да почнат духовно да се обновуваат и со воспоставување морална чистота и со добрина, животот да го направат достоен, а не само со збор да се нарекуваат христијани туку и во духовен подвиг да се постават и да се надминуваат еден со друг со добрина.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












