Македонското еколошко друштво (МЕД), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, го почна генетскиот мониторинг на кафеавата мечка, кој првпат ќе се спроведува во земјава на национално ниво.
Мониторингот се врши во рамките на петгодишниот меѓународен проект „Зачувување на популацијата на кафеава мечка во Динарско-пиндскиот Масив“.
Генетското пребројување ќе ја опфати целата динарско-пиндска популација на кафеавата мечка, од Алпите до Егејското Море, која е и најголема во Европа со околу 4.000 единки.
Во Македонија, истражувањето ќе се спроведе во западните делови на државата, од Скопска Црна Гора и Шар Планина на север до Пелистер, Ниџе и Кожуф на југ, а целта е до крајот на 2026 година да се соберат 900 генетски примероци.
Според МЕД, досегашните искуства во Словенија и во Хрватска покажуваат дека успешноста на генетскиот мониторинг директно зависи од бројот на собрани примероци, поради што исклучително важна улога во процесот имаат шумарите, ренџерите во заштитените подрачја, ловочуварите, ловџиите, собирачите на лековити растенија, шумски плодови и на печурки, но и планинарите, велосипедистите и локалните ентузијасти и љубители на природата, со кои ова друштво спроведува соодветна обука.
– Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што го оставаат животните во околината. Во случајот со мечката, ќе собираме примероци од измет, од кои потоа ќе го читаме генотипот на секоја единка, како своевиден генетски „отпечаток од прст“. Така, секогаш кога подоцна ќе најдеме измет од тоа животно, ќе знаеме дека му припаѓа нему, па може да го препознаеме дури и откако ќе умре – објаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.
Освен за бројноста на кафеавата мечка, која е строго заштитен вид во земјава, генетското пребројување ќе даде податоци и за нејзината распространетост и генетска разновидност, со што ќе се овозможи подобро разбирање на нејзината екологија. Токму затоа, тоа претставува неопходен прв чекор кон градењето сеопфатна стратегија за зачувување на кафеавата мечка низ Динарско-пиндскиот Регион, што е главната цел на проектот кофинансиран преку Програмата LIFE на Европската Унија во кој учествува 21 партнер од дури 9 европски земји.
– Како надлежен државен орган за заштита и зачувување на биолошката разновидност, Министерството за животна средина и просторно планирање ѝ останува посветено во мисијата да ја заштити и соодветно да управува со популацијата на кафеавата мечка. Долгорочната заштита на видот и на неговите живеалишта бара и координација со релевантните институции и засегнати страни, поради што на самиот почеток од септември одржавме состанок со претставниците на релевантните национални институции, каде што ги претставивме методологијата, планираните активности и временската рамка, како и начинот на спроведување на генетскиот мониторинг во следниот период. Токму тој ќе ни даде основа за натамошното планирање и спроведување конзерваторски мерки при управувањето со популацијата на овој животински вид – велат од Министерството.
Проектот ќе се фокусира и на креирањето неопходните правни, управувачки механизми и социоекономски услови за да се осигури зачувувањето на кафеавата мечка долж Динаро-пиндскиот Планински Масив и за да се надминат конфликтите меѓу човекот и мечката и загрозените живеалишта, што е клучна закана за одржливоста на оваа популација во земјава.
(А. П.)












