вторник, септември 8, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Овчата чума коси, пцовисаа 10.000 овци, задоцнија ли институциите со мерките?

Овчата чума коси, пцовисаа 10.000 овци, задоцнија ли институциите со мерките?

0

Овчата чума продолжува да се шири низ земјава – досега се потврдени 64 жаришта, а според последните податоци на надлежните, пцовисале околу 10.000 овци. Најголем број жаришта има во Источниот Регион, каде што се регистрирани 50 случаи, седум се во Североисточниот, шест во Вардарскиот, а едно жариште има и во Скопскиот Регион. Состојбата отвора многу прашања зошто стигна болеста до вакви размери и дали задоцнија институциите со мерките за спречување на нејзиното ширење.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, уверува дека надлежните институции секојдневно ја следат состојбата и преземаат мерки. Тој упати апел до сточарите доследно да ги почитуваат препораките, навреме да ги пријавуваат сомнителните случаи и да не користат заедничка опрема без претходна дезинфекција.

Како еден од главните ризици за ширење на заразата, според епидемиолошките анализи, се издвојува стрижењето на овците со ножици што не биле соодветно дезинфицирани.

Институциите веќе преземаат активности за обезбедување вакцини преку Европската комисија, Република Турција и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Сепак, обезбедувањето на вакцините не значи автоматски и нивна примена. Одлуката за вакцинација ќе биде донесена врз основа на стручна процена на епидемиолошката состојба, ризикот, како и можните ветеринарно-здравствени и економски последици.

Серафимовски потврди дека сточарите чии стада се погодени од болеста ќе бидат обесштетени. Во тек се процените и подготовките за обезбедување средства за исплата, а моделот за обесштетување, според министерот, веќе е утврден од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Но, за сточарите, загубите веќе се огромни. Околу 10.000 пцовисани овци се евидентирани досега на терен. Дополнителен удар за фармерите е и мерката според која не е дозволено шест месеци на истото одгледувалиште повторно да се внесе нов сточен фонд.

Министерството и Агенцијата за храна и ветеринарство се во постојана комуникација, а надлежните ја следат состојбата и во соседните земји поради можноста за појава и на други заразни болести кај добитокот. Одржана е работна средба со надлежните институции во Србија за размена на информации и искуства, додека внимателно се следи и состојбата во Грција. Засега, најголем предизвик остануваат сипаниците кај овците.

Но, со 64 жаришта и со околу 10.000 умрени овци, останува клучното прашање дали биле мерките навремени и доволно ефикасни или институциите реагирале откако болеста веќе зела сериозен замав.

ИЗДВОЕНИ