Жителите на беровските села Ратево и Двориште не треба да ја користат водата од водоводните системи за пиење, за подготовка на храна и за лична хигиена. Забраната следува по лабораториските анализи на Центарот за јавно здравје – Кочани, по кои се утврдени отстапувања во квалитетот на водата.
Во водата од водоводниот систем во Ратево е утврдена зголемена потрошувачка на калиум перманганат, додека во Двориште, лабораториските анализи покажале присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи, псевдомонас аеругиноза и ешерихија коли, зголемен вкупен број бактерии, како и зголемени вредности на калиум перманганат и манган.
Од ЈПКР „Услуга“ – Берово информираат дека ќе се изврши хиперхлорирање на водата во двата водоводни системи.
До добивање исправни резултати од контролните анализи по третманот, водата може да се користи исклучиво како технолошка вода, а не за пиење, подготовка на храна и лична хигиена.












