Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот ги повика украинските пратеници што поскоро да го поддржат разрешувањето на главниот државен обвинител Руслан Кравченко, во услови на зголемени тензии во земјата поради низа антикорупциски истраги.
Руслан Кравченко минатата недела поднесе оставка откако истрагата за корупција ја зафати и неговата канцеларија.
Против него не е покренато обвинение ниту е именуван како осомничен во која било истрага, но антикорупциските тела обвинија еден од неговите подредени дека помагал во водењето на група за измами.
Според украинскиот закон, Зеленски мора да достави официјално барање до парламентот за да ја прифати оставката на Кравченко. Парламентот за тоа би требало да гласа во вторник, изјавија неколку пратеници.
„За овој главен државен обвинител постои само еден пат: разрешување од должноста. Тоа му го кажав“, напиша Зеленски на Телеграм.
Кравченко беше критикуван од противниците поради наводно учество во обидот за ограничување на независноста на антикорупциските тела минатата година, што тој го отфрли.
Кравченко во понеделникот изјави дека потпишал „известување за сомнение“ против шефот на Националното антикорупциско биро (НАБУ), едно од телата кои ја истражуваат неговата канцеларија.
Тој го обвини шефот на НАБУ, Семен Кривонос, дека меѓу другото фалсификувал службени документи за да оствари „незаконска корист од исклучително големи размери“.
НАБУ и САПО, антикорупциските тела вклучени во истрагата што доведе до оставка на главниот државен обвинител, соопштија дека изјавата на Кравченко претставува уште еден чекор во „систематскиот напад врз независните антикорупциски тела“ и ги отфрлија неговите обвинувања.
Корупциските скандали ја нарушуваат довербата во Зеленски и ја уриваат неговата популарност во јавноста, истакнува Ројтерс.












