На земјоделците годинава не им цветаат рози. Трошоците за производство (горивото, машините, храната, ѓубривото и ветеринарните услуги) одат нагоре, а кога ќе дојде време да се продаде родот, цените наместо да фатат нагоре, паѓаат. Токму ова го покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Во јули годинава, трошоците за земјоделското производство биле 4,4 % повисоки во споредба со тој месец лани. Од друга страна, цените на земјоделските производи се намалиле за 5,5 %. Со други зборови, земјоделецот плаќа поскапо за да произведе, а заработува помалку кога ќе го извади производот на пазар.
Најмногу поскапеле ветеринарните услуги – дури 10,8 %, додека енергијата и горивата се поскапени за 7,9 %. Поскапи се и средствата за заштита на растенијата за 3,9 %, семињата за 3,4 %, ѓубривата за 2,2 % и добиточната храна за 1,9 %.
Ако се гледаат инвестициите, тука ударот е уште поголем. Цените на средствата за инвестиции во земјоделството пораснале за 8,9 %. Транспортната опрема е поскапена за дури 17,3 %, а машините и опремата за 13,7 %.
И тука доаѓа главниот проблем – сè што му треба на земјоделецот е поскапо, ама неговиот производ не ја следи таа сметка. Кај растителното производство, цените во јули биле пониски за 6,8 %, додека кај добиточното производство има мало намалување од 0,2 %.
Особено лошо поминале овошјето и грозјето, чии цени се „урнале“ за 13,2 % во однос на лани. Зеленчукот е поевтин за 11,4 %, а добиточните растенија за 3,7 %. Пад од 5,7 % има и кај производите од животинско потекло.
Сепак, не е баш сè надолу. Кај индустриските растенија, цените пораснале за 19 %, виното е поскапо за 4,3 %, а компирот за 2,1 %. Пораснала и цената на добитокот за колење – за 9,5 %. Кај пченицата и оризот, пак, нема промена – цените во јули останале исти како и лани.












