Со мјузиклот „Као какао“, вечерва (20 август), свечено ќе биде затворено 66. издание на најголемата културна манифестација во државата, „Охридско лето“.

„Као какао“ е современ македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски, во режија на Дејан Пројковски, по текст на Венко Андоновски. Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во седумдесеттите години на минатиот век, каде што љубовта и амбицијата растат паралелно со притисоците на средината. Во обидот да успеат и да останат свои, младите ликови се соочуваат со невидливите граници на системот, стереотипите, сопствените стравови и моментот кога животот почнува да бара компромиси. Претставата зборува за генерацијата која верува дека светот ѝ припаѓа и која, во обидот да успее, постојано се судира со правилата, очекувањата и со ограничувањата на времето во кое живее.

Во претставата играат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.

Кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска и продукцијата – „Баги комуникации“.

ИЗДВОЕНИ