АД МЕПСО ги повика земјоделците во периодот на наводнување и жетва да бидат особено внимателни при користењето на системите за наводнување, земјоделската механизација и на другата опрема во близина на далноводите од преносната мрежа.
– Заради безбедност на луѓето и сигурност на електроенергетскиот систем, неопходно е да не се поминува со комбајни или со друга робусна земјоделска механизација под проводниците на далноводите, да не се поставуваат цевководни системи за наводнување во далноводните траси и под проводните јажиња, да не се креваат металните цевки во близина на проводниците, бидејќи металот е проводник на електрична енергија – велат од АД МЕПСО во предупредувањето до земјоделците.
Од компанијата апелираат земјоделците да не ги поставуваат прскалките за наводнување под проводниците и во безбедносните коридори на далноводите, бидејќи, како што велат, допирот на водниот млаз со проводниците може да предизвика сериозни последици и да го загрози човечкиот живот, како и да не палат стрништа во близина на далноводите, бидејќи пожарите може да предизвикаат прекини и оштетување во електропреносниот систем.
– Апелираме до спортските риболовци да бидат внимателни при користењето на риболовните стапови во близина на далноводите, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите и на заштитните коридори на далноводите. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствената безбедност и за безбедноста на другите! Не загрозувајте ги вашата безбедност и сигурноста на електропреносниот систем! – велат од АД МЕПСО во предупредувањето.
Преку ова предупредување се укажува на мерките за безбедно извршување на земјоделските работи во близина на далноводните траси, како и на правилното и безбедно користење на системите за наводнување, со цел заштита на луѓето, механизацијата и непречено функционирање на електропреносниот систем.












