Кими Антонели има само 20 години, веќе се искачи на тронот во Формула 1, го собори рекордот на легендарниот Себастијан Фетел и стана национален херој во Италија. Сепак, и покрај светската слава и милионите што ги заработува, дома сè уште важат правилата на неговата мајка!
Младиот возач на Мерцедес стана најмладиот светски шампион во историјата на Формула 1 откако со третото место на Големата награда на Мексико ја обезбеди титулата на само 20 години и 68 дена. Но, додека на патеките ги победува најдобрите возачи во светот, во семејниот дом сè уште мора да внимава колку пари троши.
Неговите родители, Марко и Вероника Антонели, открија интересни детали за неговиот живот: и покрај огромниот успех, не располага со неограничен буџет за лични потреби.
- Нему не му е важно ниту за парите ниту за популарноста. Верувале или не, тој сè уште добива џепарлак – откри неговиот татко, Марко.
Неговата мајка, Вероника, пак, објасни дека тој има однапред одреден месечен буџет и мора да се придржува до него, без разлика на тоа што е една од најголемите спортски ѕвезди во Италија.
- Му одредуваме месечен буџет и тој мора да се придржува до него. На тој начин точно знае со колку пари располага. Ако дојде август, а тој веќе потрошил сè, ќе мора сам да најде начин како да си го плати одморот. Важно е да остане цврсто на земја – раскажа Вероника.
Овој начин на воспитување е дел од семејната филозофија, која, очигледно, не се променила ниту откако нивниот син го освои светскиот врв. Родителите сакаат тој да остане скромен и да разбере дека славата и богатството не значат дека може да троши без ограничување.
Зад неговиот успех, всушност, се крие приказна за семејство што поминало низ сериозни финансиски предизвици за да му овозможи да го следи својот сон. Неговиот татко, Марко, поранешен тркачки возач, откри дека во минатото морал да позајмува пари за да ги покрие трошоците за трките, опремата и за патувањата.
- Работев како да имам три животи. Никогаш не остануваа пари – се присети Марко.
Ниту неговата мајка не стоела настрана. Вероника работела во пошта, а истовремено помагала во организацијата на семејниот тркачки тим, подготвувала оброци и се грижела за Кими додека неговиот татко им бил посветен на трките.
Интересно е што љубовта кон мотоспортот кај младиот Италијанец се појавила уште кога бил бебе. Татко му го носел на картинг-патеките уште на една година, дозволувајќи му да го држи воланот додека самиот ги контролирал педалите.
Денес, автомобилите остануваат негова најголема страст и единственото нешто на кое понекогаш сака да потроши повеќе пари. За разлика од нив, модата, скапата облека и луксузниот начин на живот воопшто не го интересираат.
Неговата мајка открива дека дури и за јавните појавувања мора да се погрижи за неговата облека, бидејќи Кими не обрнува многу внимание на тоа како изгледа и што носи.
- Тој нема интерес за славата, парите или за модата. Понекогаш морам да го молам да ми испрати фотографија кога треба некаде да се појави. Тој е тип на човек што би отишол на свадба во шорцеви и во тренерки – раскажа Вероника.
Така, додека му се восхитува светот, новиот владетел во Формула 1 дома сè уште мора да се придржува до месечниот буџет што му го одредува мајка му. Светски шампион на патеката, но за домашните финансии – сè уште под мајчин надзор.











