петок, септември 25, 2026
Дома СВЕТ Зеленски: Трамп ќе ѝ дозволи на Украина да произведува ракети „Патриот“

Зеленски: Трамп ќе ѝ дозволи на Украина да произведува ракети „Патриот“

14
Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ѝ дозволи на Украина да произведува ракети за противвоздушна одбрана „Патриот“, пренесува „Си-ен-ен“.

Ова е клучно барање на Киев до Вашингтон, чија цел е да ѝ овозможи на Украина да се брани од тековните руски напади.

„Постојат конкретни договори. За време на нашата последна средба, претседателот Трамп нагласи: ‘Да, да, ја донесов конечната одлука: Украина ќе добие лиценца за производство на ракети „Патриот“’“, им рече Зеленски на новинарите.

Двајцата претседатели се сретнаа оваа недела за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Сепак, „Си-ен-ен“ забележува дека останува отворено прашањето дали Трамп ќе го исполни ветувањето да ѝ додели на Украина американска лиценца за производство на пресретнувачки ракети „Патриот“.

САД претходно го снабдија Киев со овој напреден систем, дизајниран за соборување на балистичките ракети што Русија неуморно ги користи за напади врз Украина во последните месеци. Сепак, залихите на овие ракети во Вашингтон сега се исцрпени, а десетици земји брзаат да ја зајакнат сопствената ракетна одбрана – ситуација што Москва ја искористува во војната против Украина.

За време на самитот на НАТО во Турција во јули, Трамп предложи да ѝ се додели на Украина правото да произведува ракети „Патриот“, но една недела подоцна ја повлече понудата. Поради недостигот на системи „Патриот“, бројот на цивилни жртви во Украина значително се зголеми, а главниот град Киев е особено изложен на руски напади со балистички ракети, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ