петок, октомври 9, 2026
Дома СВЕТ Зеленски со остра критика за САД, ги отфрла тврдењата за дипломатски ќорсокак

Зеленски со остра критика за САД, ги отфрла тврдењата за дипломатски ќорсокак

0
EPA/SARAH MEYSSONNIER

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги критикуваше Соединетите Држави поради, како што тврди, недоволниот притисок врз Русија да се согласи на мировни преговори.

Тој изјави дека Вашингтон има возможност да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачка маса, но дека за тоа нема доволно политичка волја.

Зеленски ги упати овие изјави за време на посетата на украинскиот град Прилуки, кој во средата беше цел на смртоносен руски напад.

Неговите коментари следуваат откако американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека војната во Украина стигнала до опасна пат позиција.

Зеленски ја отфрли оценката на Рубио дека дипломатските напори заглавиле во ќорсокак.

„Не можете од една страна да преговарате со Русите за идни економски проекти, а од друга страна да велите дека сме во некаков дипломатски ќорсокак“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател побара од САД да ги засилат санкциите против Русија и да ѝ овозможат на Украина поширок пристап до сателитскиот систем Старлинк, за поефикасно да делува против руските ракетни закани.

„Не сме во дипломатски ќорсокак. Уништете ја целата економија на Путин. Замолчете ја Русија. Престанете да ги храните со вашата продажба. Едноставно воведете санкции против нивното оружје“, порача тој.

Од Вашингтон побара и поголем пристап до Старлинк.

„Овозможете ѝ на Украина пристап до Старлинк. Тоа го направивте кога одговаравте на Иран. Отворено реков: Дајте ни го тоа, помогнете ни да го заштитиме нашето небо и да оствариме воздушна надмоќ. Тогаш Путин ќе седне на преговарачката маса“, рече Зеленски и додаде:

„Па каде е тука вистината, каде е чесноста? Каков ќорсокак? Тоа се нарекува недостаток на волја“.

Украинскиот претседател смета дека европските земји сами не можат да го принудат Путин на преговори, но дека Соединетите Американски Држави би можеле да имаат пресудна улога.

„Европјаните не можат сами да го принудат на тој чекор. Можат да ни помогнат и со тоа да го поттикнат на преговори, но Американците можат да направат повеќе. Верувам дека претседателот Трамп може да направи повеќе и, искрено, треба да го стори тоа, со оглед на огромните загуби“, рече Зеленски.

Тој ги повика САД и Европа заеднички да го зголемат притисокот врз Москва, тврдејќи дека Путин во моментов нема интерес за смирување на конфликтот.

Американскиот државен секретар Марко Рубио за време на посетата на Португалија изјави дека војната во Украина стигнала до опасен застој, но нагласи дека Вашингтон нема да се откаже од обидите за изнаоѓање дипломатско решение.

„Би сакале да видиме договор постигнат преку преговори кој ќе биде траен и праведен. На тоа и понатаму ќе бидеме посветени“, рече Рубио.

Тој предупреди дека продолжувањето на ескалацијата би можело да доведе до ширење на конфликтот во други европски земји, вклучително и членките на НАТО.

„Соединетите Држави се подготвени да посредуваат. Се обидовме и ќе продолжиме да се обидуваме. Но нема да учествуваме во бесмислени процеси доколку нема напредок“, порача тој.

Зеленски ги упати критиките по серијата смртоносни руски напади врз украинските градови.

Според неговите зборови, во руските напади во текот на два дена загинале 78 луѓе, додека 215 лица биле ранети.

Во денешниот напад врз Краматорск загинаа најмалку 30 луѓе, додека вчера во нападот врз станбена зграда во Прилуки загинаа 22 лица.

Зеленски најави дека нападите нема да останат без одговор.

И покрај острите критики кон Вашингтон, украинскиот претседател потврди дека украинските преговарачи во петок и сабота ќе престојуваат во САД поради нови разговори.

Тој повторно го повика Трамп да го зголеми притисокот врз Русија за да се отвори патот кон завршување на војната.

ИЗДВОЕНИ