Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „се справува доста добро“ во одбраната на земјата од руска инвазија.
„Киев Индепендент“ објави дека Трамп го опишал украинскиот лидер како отпорен.
Трамп наводно бил прашан од новинарите за време на состанокот во Белата куќа со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дали верува дека Зеленски ја добива војната против Русија.
– Тој сега победува. Па, тој се справува доста добро… Барем се држи, рече Трамп, додавајќи дека „многу луѓе умираат од двете страни“.
Оваа најнова изјава на Трамп доаѓа во момент кога официјален Вашингтон, како што се чини, повторно отворено застанува на страната на Киев, што предизвика остри реакции во Русија. Москва ги обвини Соединетите Држави дека се откажуваат од улогата на објективен посредник во ставањето крај на војната, која сега се наоѓа во својата петта година. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека САД „заборавиле“ на претходните изјави на Трамп, кои беа значително поблиски до ставовите на Кремљ.
Трамп, исто така, го пофали Зеленски и украинската војска.
– Морам да кажам дека е храбар. Има одлична опрема, има одлични луѓе, има борци – рече американскиот претседател.
Фајненшл тајмс (FT) вчера објави дека Трамп бил импресиониран од нападите на Украина во Русија и дека европските дипломати забележале дека САД повеќе не веруваат дека Москва ја добива војната по серијата воздушни напади од страна на трупите под команда на Зеленски врз руската престолнина.












