Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес на својот профил на платформата „Икс“ објави дека украинските разузнавачки служби дознале дека Русија подготвува напади со ракети „Орешник“, пренесе „Киев индепендент“.
„Нашите разузнавачки служби објавија дека добиле податоци, вклучително и од американски и европски партнери, за Русија која подготвува напад со ракетата „Орешник“. Ги проверуваме овие информации“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина гледа знаци на подготовки за комбиниран напад во кој се вклучени повеќе видови оружје.
„Гледаме знаци на подготовка за комбиниран напад врз украинска територија, вклучително и Киев, со различни видови оружје. Споменатото оружје со среден дострел (Орешник) би можело да се користи во таков напад. Важно е почнувајќи од вечерва да дејствуваме одговорно во однос на предупредувањата за воздушни напади“, објави Зеленски на мрежата „Икс“ и апелираше до присутните да ги заштитат своите животи и да користат засолништа.
Зеленски им рече на украинските партнери во САД и Европа дека употребата на такво оружје и продолжувањето на војната, исто така, претставуваат глобален преседан за други потенцијални агресори. Тој оцени дека ако на Русија ѝ се дозволи да уништува животи во таков обем, тогаш никаков договор нема да спречи други, слични режими засновани на омраза од агресија и напади. Зеленски истакна дека мора да се изврши притисок врз официјална Москва да не ја шири војната.
„Ја подготвуваме нашата воздушна одбрана максимално што е можно повеќе и ќе одговориме на секој руски напад. Оваа војна мора да заврши. Ни треба мир, а не ракети што ги задоволуваат болните амбиции на една личност“, рече Зеленски во својата објава на „Икс.












