Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес објави зајакнување на безбедносната соработка со Турција по средбата во Истанбул со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, објави британската агенција „Ројтерс“.
Договорени се нови мерки во врска со безбедносната соработка, рече Зеленски на „Телеграм“, додавајќи дека деталите наскоро ќе бидат финализирани.
„Ова првенствено се однесува на областите во кои можеме да ѝ обезбедиме поддршка на Турција: експертиза, технологија и искуство“, рече тој.
Зеленски додаде дека тој и неговиот турски колега разговарале за можностите за соработка во заеднички проекти за гасна инфраструктура и заеднички развој на гасни полиња.
Од своја страна, Ердоган го увери Зеленски дека Турција ќе продолжи да ги поддржува преговорите меѓу Украина и Русија за завршување на конфликтот, соопшти турското претседателство.
Турција, членка на НАТО, беше домаќин на првите мировни преговори на почетокот на конфликтот во 2022 година.
За време на средбата со Зеленски, Реџеп Таип Ердоган посочи дека Турција придава големо значење на поморската безбедност во Црното Море, особено за снабдувањето со енергија, според соопштението од турското претседателство.












