петок, јули 10, 2026
Дома СВЕТ Зеленски: Кина ја предупреди Русија да не користи нуклеарно оружје

Зеленски: Кина ја предупреди Русија да не користи нуклеарно оружје

51
Фото: EPA/SARAH MEYSSONNIER / POOL MAXPPP OUT

Кина ја предупреди Русија да не користи нуклеарно оружје како одговор на украинските напади врз руска територија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во четврток, пренесе „Политико“.

„Мислам дека сте слушнале слични приказни во руските медиуми: „Што ако одговориме на украинските напади со нуклеарно оружје?“ Ми се чини дека ова беше прв пат Кина да одговори директно, речиси во форма на ултиматум, велејќи дека не може да се зборува за употреба на нуклеарно оружје“, им рече Зеленски на новинарите.

Украинскиот претседател рече дека дознал за интервенцијата на Пекинг од европските лидери за време на самитот на НАТО во Анкара, каде што разговарале за „улогата на Кина во завршувањето на војната во Украина“. Тој додаде дека разговарал за темата и со американскиот претседател Доналд Трамп, но дека сакал содржината на тој разговор да ја задржи приватна.

Русија одржа воени вежби со нуклеарни сили во Белорусија во мај, но претседателот Владимир Путин досега не упатил директни нуклеарни закани кон Киев. И покрај притисокот од некои руски политичари, Путин претходно изјави дека украинските напади не предизвикуваат доволно штета за да го оправдаат нуклеарниот одговор на Русија.

Минатиот месец, Виктор Перов, член на Државното собрание на Санкт Петербург, ги повика своите колеги да го замолат претседателот Путин да употреби нуклеарно оружје против Украина, објави „Политико“.

„Нашиот претседател беше принуден да започне специјална воена операција, но за жал, не помина сè според планот. Затоа верувам дека вие, пратениците, треба да испратите барање до претседателот да започне со употреба на нуклеарно оружје, што би го навело украинското раководство да потпише мировен договор“, рече Перов.

ИЗДВОЕНИ