среда, ноември 4, 2026
Дома СВЕТ Зеленски ѝ го врачи украинскиот Орден на принцезата Олга на Меланија Трамп

Зеленски ѝ го врачи украинскиот Орден на принцезата Олга на Меланија Трамп

21
EPA/SHAWN THEW

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ го додели на првата дама на САД, Меланија Трамп, Орденот на принцезата Олга од прв ред, за нејзините хуманитарни заложби во Украина.

Во претседателскиот декрет се наведува дека таа е одликувана за нејзиниот „значаен личен придонес во обезбедувањето хуманитарна помош за Украина“, за нејзиното залагање за човековите права и за нејзината добротворна дејност насочена кон помагање на луѓето погодени од руската агресија, како и кон враќањето на украинските деца однесени од Русија.

Ова признание беше доделено неколку дена откако речиси 800 луѓе беа евакуирани од Олешки, град што се наоѓа под руска окупација. Меланија Трамп, меѓу другите, помогна во организирањето на оваа хуманитарна операција.

Претседателската одлука од 2 ноември го истакнува нејзиниот „значаен личен придонес“ во хуманитарната помош за Украина и нејзината работа за помош на украинските деца, вклучително и оние депортирани или присилно раселени од териториите под руска окупација. Одликувањето – Орден на принцезата Олга од прв степен – се доделува на жени кои дале исклучителен придонес во областа на науката, образованието, културата и добротворната работа.

Украинските власти соопштија дека Меланија Трамп одиграла клучна улога во организирањето на шестдневниот прекин на огнот, што овозможи евакуација на цивилите од градот Олешки во јужна Украина, што е под руска окупација.

Примирјето заврши во неделата.

Ова е најдолгиот локален прекин на борбите од почетокот на руската инвазија во 2022 година, во кој ,според Меланија Трамп, евакуирани беа речиси 800 лица.

ИЗДВОЕНИ