Сајбер-напад врз системот за управување со уредите за ладење во супермаркетите предизвика значителна штета низ Европа. Сега, хакерите се насочија и кон други системи.
При сајбер-напад врз три локации на Француската установа за крв (EFS), хакерите се обиделе драстично да ја зголемат температурата во уредите за ладење во кои се чува крвна плазма. Сепак, благодарение на брзата реакција на вработените, не настанала штета, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews). Од EFS во вторникот вечерта соопштија дека немало здравствени последици за поединци, ниту пак биле изгубени крвни продукти или примероци.
Нападот се случил во понеделникот, а цел бил добавувач на опрема за ладење што ја користи EFS. Хакерите се обиделе да ги променат поставките за температура и одмрзнување на три одделни локации.
Во уредите за ладење се чувале кеси со крвна плазма наменета за трансфузија, како и плазма што се користи во производството на лекови. Дел од производите биле преместени, додека останатите биле дополнително обезбедени. Системите за следење и алармирање брзо ги детектирале необичните промени, овозможувајќи им на вработените да интервенираат пред крвните продукти или примероци да бидат загрозени, истакнува „Еуроњуз“.
Од EFS наведоа дека собирањето и дистрибуцијата на крв продолжуваат непречено, а снабдувањето на болниците и пациентите останува стабилно. Инцидентот моментално е предмет на истрага од страна на француската национална агенција за сајбер-безбедност и Министерството за здравство.
За потсетување, овој напад доаѓа откако оваа недела супермаркети во неколку европски земји пријавија дека нивните фрижидери и замрзнувачи почнале да се загреваат, откако контролата врз системите за ладење била преземена од далечина. Како резултат на тоа, се расипале тони храна, а штетата се проценува на милиони евра.












