Авион на „Ер Србија“, кој вчера полета од Белград кон Москва, беше вратен назад додека се наоѓаше над Литванија поради дополнителни безбедносни проверки поврзани со еден од патниците. Во авионот се наоѓале поранешните министри Александар Вулин и Ненад Поповиќ, како и директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ. Овој лет стана најследен на платформата „ФлајтРадар“ (FlightRadar), при што во еден момент го следеа околу 15.000 корисници. Aвионот подоцна слета во Москва. Од авиокомпанијата изјавија дека известувањето за потребата од проверка пристигнало од надлежните аеродромски служби.
Според информативниот портал „nova.rs“, Милан Куч, директор за корпоративна безбедност на аеродромот „Никола Тесла“, наредил авионот да се врати откако на снимките било утврдено дека Александар Вулин не поминал низ безбедносна проверка, иако веќе бил влезен во авионот.
Вулин го негираше ова за време на гостување на телевизијата „Информер“.
„Сè е лага – тоа е само малтретирање и обид на луѓето на аеродромот да им докажат на новите власти колку се тие ’подготвени‘ и колку цврсто ја бранат својата идеологија. Повторно поминав низ процедурите и не беше пронајдено ништо незаконско“, изјави Вулин.
Тој исто така ги отфрли тврдењата дека носел непријавено злато или големи суми готовина, напоменувајќи дека неговото патување во Москва не било туристичко.
„Бев таму по службена должност – за да се заложам за продолжување на нашиот договор за гас“, додаде Вулин.
Душан Бајатовиќ, директорот на „Србијагас“, за телевизијата N1 изјави дека причините за неговото патување биле поврзани со прашања околу снабдувањето со гас и платниот промет, по ситуацијата со „Алта банка“.
„Искрено, не знам зошто отидоа господинот Поповиќ и господинот Вулин. Да бидам искрен, се поздравивме, но јас спиев цело време“, рече Бајатовиќ.
Вулин, исто така, изјави дека спиел цело време, сè додека авионот не слетал во Белград. Петар Војиновиќ, уредник на порталот „Танго сикс“, извести дека по извршените проверки, авионот повторно полетал и рано наутро слетал во Москва, превезувајќи ги истите патници.
Живи, здрави, по две слетувања! Бајатовиќ потврди дека тој, Вулин и Поповиќ стигнале во Москва
Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, спомена дека Вулин бил во Москва и го постави прашањето кој ќе ги покрие трошоците за враќањето на авионот.
Ситуацијата стана вирална на социјалните мрежи, поттикнувајќи бројни коментари.











