Насоката на надворешната политика на Русија, вклучително и ставот за решавање на украинското прашање, не е диктирана од тековните политички околности и не зависи од политичките промени во другите земји, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, коментирајќи ги резултатите од среднорочните избори во Соединетите Држави.
„Да ги почекаме конечните резултати. Ставовите на претставниците на Демократската партија кон Русија се изразито негативни. Во тоа нема ништо ново“, изјави Рјабков за „Спутник“.
Тој одговараше на прашање дали резултатите од среднорочните избори би можеле да ги искомплицираат односите со САД, вклучително и во контекст на решавањето на украинското прашање.
„Нашиот принципиелен и доследен став за Украина, како и нашата надворешна политика во целина, не се диктирани од тековните политички околности и, природно, не зависат од политичките промени во другите земји. Ќе постапуваме во согласност со насоките на претседателот на Русија“, заклучи Рјабков.
Според прелиминарните резултати и проекциите, демократите извојуваа победа на среднорочните избори во САД, одржани на 3 ноември. Во јануари, тие ќе обезбедат мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот на американскиот Конгрес, со што ќе добијат контрола врз двата дома на законодавниот орган.












