Јавното претпријатие за државни патишта ги заврши градежните работи за санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, кај наплатната станица „Преод“.

Санацијата е реализирана со цел да се обезбеди поголема стабилност на косината, да се спречи понатамошна ерозија и да се намали ризикот од свлекување на материјал, со што се придонесува за поголема безбедност на сообраќајот и сигурност на сите патници кои ја користат оваа делница.
Во рамки на работите е изведен ободен одводен канал зад косината, со што се овозможува контролирано прифаќање и одведување на површинските води.

Санирани се ерозивните делови преку расчистување и репрофилирање на косината, а поставена е и композитна мрежа за површинска стабилизација и заштита од ерозија.

– Во зоните каде што беа утврдени нестабилности и локални свлекувања, отстранет е нестабилниот материјал, извршено е повторно оформување и стабилизирање на косината, изведена е исполна со кршен камен и поставена е заштитна жичана мрежа – велат од ЈПДП.

Со реализацијата на оваа санација се преземаат конкретни мерки за унапредување на безбедноста на патната инфраструктура и создавање посигурни услови за одвивање на сообраќајот.

Стабилната и безбедна патна инфраструктура е од особено значење за заштитата на сите учесници во сообраќајот и сигурното патување на граѓаните. Во таа насока, ЈПДП работи и на подготовка за реализација на санација и на други свлечишта и одрони.

ИЗДВОЕНИ