Од Општина Карпош велат дека покрај хортикултурното уредување и озеленувањето на парковската површина, се предвидуваат и низа активности, како геодетско снимање, изработување проектна документација, расчистување на теренот и изградба на пешачки површини, паркинг-простори, спортски игралишта и летна сцена. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во јули го најави почетокот на уредувањето на овој парк со површина од 72.000 квадратни метри, кој остана запуштен, односно почнат, но недовршен од претходното градско раководство

 

На последната седница, Советот на Општина Карпош одобри зголемување на финансиските средства за партерно уредување и озеленување на мегапаркот во Карпош 4, кој ќе се простира помеѓу реката Вардар и булеварот „Илинден“, на потегот со улицата „Никола Парапунов“ и улицата „Љубљанска“.

Со старата одлука од 2023 година, за оваа намена беа предвидени вкупно 30.000.000 денари, додека со новоизменетата одлука од 2026 година се предвидуваат финансиски средства во висина од 118.000.000 денари, кои целосно ќе ги обезбеди Град Скопје од својот буџет за 2023, 2024, 2025, 2026 и за 2027 година.

Покрај хортикултурното уредување и озеленувањето на парковската површина, се предвидуваат и низа активности, како геодетско снимање, изработување проектна документација, расчистување на теренот и изградба на пешачки површини, паркинг-простори, спортски игралишта и летна сцена.

Во остварувањето на оваа соработка, Општина Карпош ќе учествува со решавање на можните имотноправни спорови и со издавање за сите потребни дозволи пред почнување на изведбата.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во јули го најави почетокот на уредувањето на овој парк со површина од 72.000 квадратни метри, кој остана запуштен, односно почнат, но недовршен од претходното градско раководство.

Тој тогаш најави дека, освен што ќе биде хортикултурно уреден, паркот ќе биде збогатен и со парк за миленици, детски катчиња, спортски центар, велосипедски полигон, урбана опрема и со бројни содржини за посетителите од сите генерации.

Инаку, овој простор беше дива депонија.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ