петок, октомври 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Соборен четиригодишен рекорд: Цените на храната растат три месеци по ред

Соборен четиригодишен рекорд: Цените на храната растат три месеци по ред

2

Светските цени на храната во септември пораснаа трет месец по ред и сега се на највисоко ниво од ноември 2022 година, а посебно поскапеа житариците, соопшти денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

ФАО индексот на цените на храната (FFPI), кој ги следи месечните движења на цените на основните земјоделски производи на светскиот пазар, изнесуваше 136 поени во септември, што претставува пораст од 1,5 проценти во однос на август.

Вредноста на индексот на цените на житариците порасна за 5,1 процент во однос на август, на 122,8 поени, што е за 17,2 проценти повеќе отколку пред една година.

Цената на пченицата порасна за 6,3 проценти и го достигна највисокото ниво од август 2023 година, пред сè поради логистичките проблеми во регионот на Црното Море, поради кои увозниците ја пренасочуваа набавката кон други извори.

Пченката поскапе за 5,6 проценти на месечно ниво, цените на сиракот пораснаа за 13,7 проценти, а на јачменот за 3,9 проценти, додека индексот на цените на оризот е зголемен за 1,4 проценти.

Индексот на цените на растителните масла порасна за 0,9 проценти, на 198,6 поени, што е за 18,3 проценти повеќе отколку во септември 2025 година.

Растот главно е последица на повисоките цени на палминото масло, кои се зголемени четврти месец по ред поради силната глобална побарувачка и загриженоста за производството во Југоисточна Азија поради сувото време.

Вредноста на индексот на цените на шеќерот е зголемена за 6,1 процент во однос на август и за 14,7 проценти на годишно ниво, на 114 поени.

Станува збор за трет последователен месечен раст, поврзан со очекувањата дека глобалната понуда на шеќер во сезоната 2026/27 ќе биде помала. Вредноста на индексот на цените на месото падна за 1,1 процент, додека цените на млечните производи останаа речиси непроменети, со пад од 0,1 процент.

Индексот на цените на месото така остана на нивото од пред една година, додека цените на млечните производи беа за 19,1 процент пониски отколку во септември 2025 година.

Вредноста на FFPI е повисока за 5,8 проценти во однос на септември 2025, но пониска за 15,1 процент во однос на рекордните вредности забележани во март 2022 година, се додава во извештајот на веб-страницата на ФАО.

ИЗДВОЕНИ