ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ПРЕД НОВА ДИНАМИКА
Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Скопје, доаѓа во момент кога Брисел најавува нови идеи за постепена интеграција на Западен Балкан. Еврокомесарката Марта Кос вчера порача дека геополитичката потреба од проширување и принципот на заслуги одат „рака под рака“. Од Берлинскиот процес во Црна Гора стигна и пораката дека иднината на регионот е во Европската Унија. Во исто време, Албанија и Црна Гора забележуваат конкретен напредок во преговорите, додека Македонија останува во очекување на следниот чекор на европскиот пат
Денеска, во Скопје, пристигна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во момент кога од Црна Гора стигнаа пораки дека проширувањето на Европската Унија влегува во нова динамика, но и дека напредокот на земјите од Западен Балкан ќе продолжи да се мери според исполнувањето на европските критериуми. На состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес во Пржно, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, најави нови идеи за постепена интеграција, нагласувајќи дека таа не е замена за полноправното членство, додека германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, порача дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Паралелно, од Тирана, Фон дер Лајен ја пофали Албанија за реформскиот напредок, откако земјата го отвори последниот кластер и затвори три поглавја. Во таков регионален контекст, пораката од Пржно дека геополитичката потреба од проширување и принципот на заслуги одат „рака под рака“ ја поставува и Македонија пред прашањето колку е подготвена да ја искористи новата динамика на европското проширување.
ЕК со нови идеи за проширувањето
На состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, еврокомесарката Кос вчера изјави дека Европската комисија на 6 октомври ќе изнесе дополнителни идеи за тоа како може да се прошири постепената интеграција во ЕУ, а основната идеја е „повеќе Европа пред членство“, иако, како што рече, тоа не претставува замена за полноправно членство.
– Тоа мора да биде јасно. ЕУ нуди заедничка иднина во која конфликтите од минатото губат на значење. Не заборавајте, интеграцијата во ЕУ е простор за помирување. Не смееме да заборавиме дека европската интеграција е изградена врз одлуката на некогашните непријатели да ги залечат раните од минатото. Таму каде што соседите заеднички ќе се соочат со наследството од минатото, старите поделби со текот на времето можат да исчезнат, а тоа е од клучно значење за внатрешната кохезија и општествената стабилност на проширената Европска Унија. Затоа, ајде отворените билатерални прашања да ги решаваме во духот на Берлинскиот процес, преку добрососедски односи, регионална интеграција, меѓусебна доверба и соработка. Да ја искористиме оваа можност за проширување на ЕУ, заради иднината на оваа и на следните генерации, истакна Кос.
Таа рече дека живееме во свет на жестока геостратешка конкуренција, каде што старите сојузништва бледнеат, а се создаваат нови.
– Геополитиката одредува зошто проширувањето е важно и колку итно мораме да дејствуваме. А ние се држиме до принципот базиран на заслуги, бидејќи токму заслугите ги одредуваат условите, како и тоа кој е подготвен за пристапување и кога. Кога размислуваме за предностите од проширувањето, мислиме и на безбедноста. Тоа е клучен елемент. Меѓусебната зависност се користи како оружје, а се соочуваме и со директни напади врз нашата демократија и начин на живот. Процесот на проширување, всушност, значи преземање контрола врз сопствената судбина во Европа, рече Кос.
Вадефул: Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, пак, порача дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија. Тој порача дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е клучен тест за Европа и тоа ќе биде одлучувачко за тоа какво влијание ќе има Унијата во наредните децении. Според германскиот министер, Берлинскиот процес е сведоштво дека се оди кон тоа земјите од Западниот Балкан да можат да станат членки на Европската Унија. Тој истакна дека пораката е јасна – доколку постои волја и способност да се исполнат критериумите за пристапување кон Европската Унија, успехот може да се постигне во следните неколку години.
– Берлинскиот процес е сведоштво за тоа каде сакаме да одиме, кон иднина во која земјите од Западниот Балкан можат да станат членки на Европската Унија. Берлинскиот процес дејствува како катализатор на вашиот пат кон европските интеграции. За да се приближи регионот кон Европската Унија, самиот мора да ги поведе тие промени и вистински да преземе одговорност за нив, надминувајќи ги политичките и другите пречки, порача Вадефул и истакна дека 20 години по стекнувањето на независноста, Црна Гора „чука на вратата на Европската Унија“ и тој звук се слуша и во Брисел и во сите европски престолнини.
Вадефул го спомена и заедничкиот германско-француски неофицијален документ (нон пејпер) кој, според него, е обид да се внесе нова динамика во процесот на проширување преку обезбедување дополнителни поттикнувања, во рамките на процесот на постепена интеграција базирана на заслуги.
Филипче: Мицкоски нека размисли добро што ќе ѝ каже на Фон дер Лајен
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека Македонија не е меѓу четирите земји за кои, според него, постои јасен патоказ кон членство во Европската Унија до 2030 година. Филипче го повика премиерот Христијан Мицкоски да не ја доведува во прашање европската иднина на земјата и да размисли добро што ќе ѝ каже на Фон дер Лајен.
– На Христијан сакам да му порачам, нека размисли добро. Ако треба вечер, нека не спие. Што ќе ѝ каже утре на Фон дер Лајен? Да не си игра со иднината на земјата, затоа што може да му судат следните генерации, рече вчера Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека до 2030 година се отвора можност за членство на Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија, а Македонија ја нема. Тој истакна дека граѓаните треба да знаат и да бидат свесни за последиците од продолжување на изолациските политики на власта.
Претседателката на Европската комисија денеска во Скопје ќе има средби со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Пред посетата на земјава, Фон дер Лајен беше во Албанија и во Косово. Од Тирана, на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, таа изјави дека Албанија напорно работела за да ги постигне европските стандарди.
– Ги уверувам Албанците: членството не само што ќе ја направи Албанија посилна туку ќе ја направи и Европската Унија посилна, рече таа.
Поради посетата на Фон дер Лајен во Скопје, денеска ќе има посебен сообраќаен режим во поширокото централно подрачје и МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници. (В. С. Н.)












