– Зарина е лик од денешницата што во сижето паралелно се поврзува со ликот на нејзината мајка, со приказна сместена некаде во осумдесеттите години на минатиот век. Двете приказни се поврзани со настани од нивното време, а темата е онаа вечната: љубовта. Но не само љубовта на еден маж и една жена, туку и забранетата љубов, но уште повеќе безусловната љубов, вели Пандева за весникот ВЕЧЕР

 

„Зара Зарина“ е наслов на новиот роман на Лилјана Пандева, македонска писателка со обемен опус од проза, поезија и драмски текстови за деца. Автор е на бројни збирки раскази, романи и поетски книги, од кои неколку се преведени на странски јазици. Во своето најново дело, низ преплетување на минатото и на иднината, таа ја раскажува судбината на главниот лик и на родителите, допирајќи ги националните, религиозните, традиционалните и современите идентитети. Романот започнува во Кабул и се развива во повеќе правци, опфаќајќи го времето кога странски студенти од арапските земји студираа во Македонија, студентскиот живот од тој период, како и актуелните приказни поврзани со мигрантската маршрута.

Почетниот импулс за создавање на романот „Зара Зарина“, според Пандева, биле и лик и настан и тема, но и актуализација и реминисценција.

– Зара Зарина е лик од денешницата што во сижето паралелно се поврзува со ликот на нејзината мајка, со приказна сместена некаде во осумдесеттите години на минатиот век. Двете приказни се поврзани со настани од нивното време, а темата е онаа вечната: љубовта, и не само љубовта на еден маж и една жена туку и забранетата љубов, но уште повеќе безусловна та љубов. Во зависност од погледот, вели Пандева. Таа додава дека Кабул – Македонија е тема на која се навраќа по трет пат во нејзиното творештво. Нејзината поема „Капетаните“, исто така, е на сижејна линија Кабул Македонија, како и еден дел од романот „Дневници на една љубов“.

– Можеби актуелноста на сè она што се случува далеку од нас, а кое не може да нè остави рамнодушни, е тоа што ме инспирира. Различностите во земја во која повеќе владее војна отколку мир не се многу различни од различностите во нашето опкружување. Човекот е ист насекаде. Љубовта, сепак е една за сите, војната е ужасна независно каде и да се случува, а потрагата за мир е исконска, вели авторката.

Во однос на тоа, пак, дали приказната е инспирирана од реални сведоштва или од истра жувањата направени пред да почне со пишувањето на книгата, таа вели:

– Инспирација за романот е љубовна приказна што навистина се случувала во осумдесееттите години на минатиот век помеѓу двајца млади со различна вероисповед, по потекло од различни краеви на светот зборувачи на два различни јазици. И независно од сето тоа, нив ги спојува љубовта, како што обично се случува, неочекувано, независно колку се очекувани настаните што следуваат потоа. Сиот тој сплет на околности не е така едноставен, па да се претвори во приказна нужно бара сериозни истражувања, почнувајќи од границите, вистински и имагинарни, обичаите на два различни света, потрага по идентитетот, па сè до стигну вање на целта, која, всушност, значи пропатување на половина свет во речиси невозможни услови, и временски и природни и општествени. Откако ќе се имаат сите информации и податоци, приказната се спојува. Од авторот зависи леснотијата на читање.

Како и во сите нејзини дела и во оваа со љубов се победува сè, но без надежта – ништо. Тоа се како што вели, две ѕвезди водилки во овој роман.

Пандева не застанува тука, веќе има идеја и за наредна книга.

– Тоа, всушност, би бил роман што е почнат одамна, но кој стрпливо чека да дојде неговото време. Но очигледно прво требаше „Зара Зарина“ да му отвори простор на мојот следен, а впрочем роман што одамна сум го почнала, пред сите мои напишани и објавени романи, додава авторката.

Инаку, Лилјана Пандева е добитник на значајни книжевни признанија, меѓу кои наградите „Стале Попов“, „Григор Прличев“, повеќекратна награда за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“, како и престижната награда „13 Ноември“ на Град Скопје за култура.

Нејзините досегашни дела се „Новогодишни едночинки“, драмулетки за деца; „Канцелариски колумни“, раскази; „Љубов од А до Ш и обратно“, поезија; како и романите „Од агендата на Калина Калин“,„Возовите на Луцерн“,„Доилката“, „Дневници на една љубов“ и „Класифицирано“. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ