Во рамки на 47. издание на фестивалот Скопско лето утревечер во МУзејот на град Скопје (20.30 ч.) ќе се прикаже краток документарен филм насловен „Шуплевски – ехо низ времето“ на авторката Викица Костовска-Пенева, музиколог и професор по пијано.
„Шуплевски – ехо низ времето“ е краток документарен филм посветен на едно од најзначајните музички семејства во македонската културна историја. Низ архивски материјали, сведоштва и музички записи, филмот ја следи повеќегенерациската приказна на семејството Шуплевски, чие дејствување оставило длабок белег врз развојот на современата македонска музика.
Потекнувајќи од старото скопско маало Чаир, семејството Шуплевски повеќе од еден век е активно присутно во музичкиот живот преку диригирање, хорско пеење, инструментална изведба, музичка педагогија, компонирање и концертна дејност. Од Трајко Шуплев, преку Драган, Гане и Богданка Шуплевски, па сè до денешните генерации музичари, нивната уметност претставува жив континуитет на музичката традиција и современиот македонски музички израз.
Филмот претставува омаж на семејството кое низ четири генерации ја обликува културната сцена на Скопје и Македонија, оставајќи трајно наследство во музичкото образование, оркестарската и камерната музика, како и во развојот на институциите и концертниот живот. „Шуплевски – ехо низ времето“ е сведоштво за силата на семејната традиција, посветеноста кон музиката и културното наследство што продолжува да живее и денес.












