
Еднодневна прошетка на македонско семејство во Паралија завршила со висока парична казна, одземена возачка дозвола и со принудно враќање дома без сопственото возило. Велешанец сподели на социјалните мрежи дека на 28 јуни, при излез од Паралија, бил запрен од грчката сообраќајна полиција, која му изрекла казна од 350 евра поради неврзан безбедносен појас. Покрај паричната казна, му биле одземени возачката и сообраќајната дозвола, а бидејќи било недела, морал следниот ден да отпатува во Катерини, да ја плати казната во банка и дури потоа да ги подигне документите. Среќа што се нашле добри луѓе на патот, па ги превезле до граница, каде што ги презел пријател и ги однел безбедно дома.
– Не го оспорувам правото на полицијата да постапува согласно со законите, но сметам дека начинот на кој бевме оставени, без можност да се вратиме дома и покрај тоа што имаше мало дете со нас, заслужува внимание и го отвора прашањето дали можело да се постапи поинаку – наведува тој.
Неговиот случај е потсетник дека Грција има едни од најстрогите сообраќајни казни во регионот. Според важечкиот грчки Закон за безбедност во сообраќајот, за неврзан безбедносен појас се изрекува казна од 350 евра, а на возачот му се одземаат возачката дозвола и сообраќајната дозвола на 30 дена. Сопатникот добива казна доколку не носи појас, но одговорност сноси и возачот.
Иста парична казна од 350 евра е предвидена и за користењето мобилен телефон зад волан. Освен глобата, следува и привремено одземање на возачката дозвола.Особено строги се санкциите за брзо возење. За пречекорување на дозволената брзина за повеќе од 50 километри на час, казната достигнува 700 евра, а на возачот му се одзема возачката дозвола на два месеци.
За разлика од некои други држави, грчката полиција не ги наплаќа казните на самото место. Возачите добиваат записник, а казната се плаќа во банка или преку предвидената постапка, по што можат да ги подигнат одземените документи, односно кога се исполнети сите процедури. Со оглед на тоа што во текот на летото илјадници македонски граѓани патуваат во Грција, познавањето на локалните сообраќајни правила може да спречи непријатност каква што доживеало ова семејство.
Грција во последните години ја засили контролата во сообраќајот поради големиот број сообраќајни несреќи. Полицијата во текот на летната сезона спроведува засилени контроли на туристичките дестинации и на автопатите, а странските државјани не се изземени од санкциите. (П. А.)
| Прекршок | Казна |
| Безбедносен појас | 350 € + одземање на возачката 30 дена |
| Мобилен телефон | 350 € + одземање на возачката |
| Брзина над дозволената за повеќе од 50 км/ч | 700 € + одземање на возачката |
| Патник без појас | Казна и за патникот и за возачот |











