Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ се интензивираат пробите за претставата „Ловец во ’ржта“ (The Catcher in the Rye) по истоимениот роман на Џ. Д. Селинџер, која ја режира Мартин Кочовски. Како што посочува режисерот, претставата е еден вид кратка историja на подемот и падот на индивидуата од средината на минатиот век до денес, со субjективна визиja за судбината на индивидуата во блиска иднина.
– Текстот е цивилизациски важен, популарен, оти обработува тема за невозможниот бунт на индивидуата против општеството. Тој бунт нема рок на траење. Затоа е интересен и текстот, има оставено голем белег врз културата, особено врз поп-културата. Го одбрав театарот „Војдан Чернодрински“ за да го поставам текстот поради квалитетот на актерската екипа, која може и знае да работи ваков текст, и го докажува тоа во реалноста. Бунтот на една театарска екипа во општеството. Во овој театар се бориме да го артикулираме нашиот глас, во општество каде што тешко можеме да бидеме гласни, а ние, сепак, сме гласни. Публиката ќе види енергична, но воедно лирска и епска претстава, преполна со различни жанрови – вели Кочовски.
Драматизацијата е на Лидија М. Ѓорѓиевска, за сценографијата е задолжен Филип Јованоски, за костимите Јулијана Војкова, за музиката Пеце Трајковски-Брада, а учествуваат и Давид Скерлевски и Ана Митоска.
Во претставата, поддржана од Министерството за култура и туризам, игра поголемиот дел од ансамблот на Театарот, а премиерата ќе се одржи на крајот од оваа театарска сезона, на средината од јули.












