Познатиот македонски композитор и продуцент, Николa Мицевски, продолжува со успесите не само на домашната туку и на меѓународната сцена, каде што ја афирмира македонската музика. Неговата авторска композиција (Time) влезе во финалето на „Интерконтинентал мјузик авардс“ во категорија музика на светот. Кaко што самиот посочи, ова за него петставува огромно задоволство и чест.
– Навистина сум среќен што мојата композиција влезе во конкуренција на многу композиции и музика од целиот свет. „Time“ е универзална музика со нота на македонска карактеристика и дух и сум посебно горд и среќен заради тоа.
Овој натпревар е вистинска можност музиката на секој артист да се слушне насекаде во светот. Им посакувам на сите финалисти среќа и успех во финалето, вели Мицевски.

Интерконтиненталните музички награди (ICMA) се глобална платформа за музичко признавање која им оддава почит на музичарите врз основа на нивното културно и континентално потекло. Основана во Лос Анџелес, ICMA ги поддржува независните и професионалните уметници ширум светот преку обезбедување стручно оценување, меѓународна експонираност и признание за напредување во кариерата. Музичкиот натпревар е дизајниран да ја прослави различноста на музиката, мисијата да обезбеди глобална сцена за музичари, пејачи и композитори за да ја покажат својата страст за музика, да го добијат признанието што го заслужуваат и да се поврзат со разновидна заедница на музички ентузијасти.
За „Time“, Мицевски вели дека е инструментална композиција во синематик/етно/рок/симфони правец, или популарно, во музика на светот, со призвук на филмска музика. Како што додава, се работи за музика преку која сака да допре до што поголем број слушатели, музика која може да се слуша секаде во светот, а притоа да е претпознатливо дека се темели врз духот на македонската музика.
На композицијата тој соработуваше со Дамјан Пејчиноски, гитарист од светска класа кој со својата изведба, вели, дал една друга димензија на неговата музика.
Инаку, Никола Мицевски е македонски композитор, инструменталист, музичар и продуцент, роден во Битола. За време на неговата речиси дваесетгодишна кариера, Мицевски има соработувано со голем број македонски артисти и пејачи, вклучувајќи ги Каролина Гочева, „Некст тајм“, Дани Димитровска и други. Во 2023, го издал првиот студиски албум „New Era“ од кој излегле три сингла: „Circle“, „Time“ и „Impulse“. (Д. Т.)












