Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) официјално го потврдија своето партнерство насочено кон унапредување на праведната, сигурна и достапна енергетска транзиција во земјата. Двете институции потпишаа заедничка декларација, со која УНДП формално ѝ станува партнер на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), механизам наменет за зајакнување на координацијата и спроведувањето на стратешките енергетски инвестиции.
Платформата служи како клучен владин инструмент што ги поврзува инвестициите во обновливите извори на енергија, преносната инфраструктура, складирањето енергија и флексибилноста на системот со мерки за праведна транзиција. Тоа вклучува преквалификација на работната сила, поддршка на малите и на средните претпријатија, како и вклучување на локалните заедници во регионите што традиционално зависат од јаглен.
– Преку Инвестициската платформа, ја градиме основата за долгорочна и координирана енергетска транзиција што ги поврзува инвестициите, политиките и потребите на граѓаните – изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, нагласувајќи дека партнерството со УНДП ќе ја зајакне поддршката за локалните заедници и засегнатите страни.
Од УНДП велат дека приклучувањето кон платформата претставува значајна стратешка пресвртница во соработката со државните институции, со цел забрзување на енергетската трансформација и привлекување поголеми инвестиции. Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, истакна дека земјата покажува „силно лидерство во климатските политики“, осврнувајќи се на амбицијата за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82 % до 2030 година.
– JETIP е моторот што ќе ја претвори оваа амбиција во реалност преку развој на 1,7 гигавати капацитет од обновливи извори, модернизација на мрежата и мерки за праведна транзиција – изјави Григорјан, додавајќи дека УНДП веќе придонесува преку програми за зелено финансирање за домаќинствата и на малите и средните претпријатија.












