среда, октомври 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Запленети над 500 кубици дрвна маса и поднесени 140 пријави

Запленети над 500 кубици дрвна маса и поднесени 140 пријави

1

Шумската полиција спровела засилени акции против нелегалната сеча во целата држава, при што во текот на септември и на почетокот од октомври биле запленети над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и биле поднесени 140 пријави.

– Привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за незаконска сеча и за превоз на дрва. Акциите се спроведуваат паралелно со секојдневните редовни контроли, со особено внимание на подрачјата каде што поизразено дејствуваат организирани групи дрвокрадци. Контролите се насочени и кон спречување на нелегалното снабдување со дрва на населението и на производствените капацитети, а со кои му се нанесува значителна штета на шумскиот фонд – соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, истакна дека ќе продолжат засилените акции и во наредниот период, на целата територија на државата.

-– Заштитата на шумите е јавен интерес и наша институционална одговорност. Шумската полиција ја има целосната поддршка на Министерството да постапува одлучно и доследно против нелегалната сеча, транспортот и трговијата со дрва, во рамките на своите законски овластувања – изјави Серафимовски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до граѓаните да купуваат огревно дрво само од лиценцирани продавачи и складови, бидејќи, како што нагласуваат, со набавката на дрва од легални извори активно се придонесува за спречување на нелегалната трговија и за заштита на шумите.

Воедно, ги повикаа граѓаните да пријавуваат сомнежи за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до шумската полиција и до другите надлежни органи.

ИЗДВОЕНИ