Постар маж (73) од Хрватска, од Крапинско-загорската жупанија, станал жртва на онлајн измама откако од март до октомври оваа година комуницирал со лице кое лажно се претставувало како шпанска принцеза.
Разговорот со лажната принцеза го чинел Хрватот неколку десетици илјади евра, соопшти полицијата.
Според пријавата што ја примила Полициската управа на Крапинско-загорската жупанија, непознат сторител стапил во контакт со оштетениот преку социјална мрежа.
Лажната принцеза му ветила дека ќе му подари автомобил и 100.000 евра. За возврат, од него барала да купува картички за подарок (гифт-картички) за PlayStation и да уплаќа парични износи преку една онлајн апликација, што тој и го направил.
Последниот случај на измама уште еднаш ја мотивирал полицијата да ги повика граѓаните да бидат внимателни во комуникацијата со непознати лица преку социјалните мрежи и да не наседнуваат на понуди кои бараат претходна уплата на пари.
Исто така, предупредуваат да не се споделуваат лични и банкарски податоци, да не се уплаќаат пари и да не се купуваат картички за подарок на барање на непознати лица кои за возврат ветуваат вредни податоци или парична корист. Полицијата советува и да не се инсталираат апликации според упатствата на непознати лица.
Секое сомневање за измама или друго казниво дело треба веднаш да се пријави во полицијата на бројот 192 или лично во најблиската полициска станица.












